Студентскиот дом „Пелагонија“ за Супер купот нуди сместување по 110 евра од вечер

По цена од 110 евра за гостин, Државниот студентски дом „Пелагонија“ ги отвори своите врати за гостите од земјава и странство, а во пресрет на Супер купот на Европа во фудбал, кој на 8 август ќе се игра во Скопје меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Додека во другите студентски домови во Скопје се уште се размислува дали да се дозволат гости за време на значајниот фудбалски натпревар, на реномираниот сајт за изнајмување соби „Booking.com“, од 1 јули годинава може да се резервираат легла во „Пелагонија“.

Во „Dormitory Pela“ се нуди сместување во еднокреветна и четирикреветни соби, каде варираат цените зависно од бројката на гости кои ја резервирале собата. Така, ноќта кога се игра Супер купот, резервација на еднокреветна соба со приватен тоалет чини 110,50 евра. Малку поскапо е ако самец биде сместен во четирикреветна соба, а најисплатливо е кога собата ќе ја делат четворица, па секој ќе треба да плати по 38,5 евра, или вкупно 153 евра за сите.

Така на пример, резервација за 4 ноќевања за двајца, во периодот околу Супер купот, во чини 257 евра, покажува сликата што ја испратија до редакцијата на Радио МОФ гости кои веќе резервирале сместување во домот.

Како што е наведено на сајтот на Студентскиот Парламент на УКИМ, домот „Пелагонија“ има 230 соби распоредени во два блока:машки и женски блок. Капацитетот на женскиот блок е 80 четирикреветни соби или 320 легла. Машкиот блок располага со 150 четирикреветни соби или 600 легла. Секоја соба располага со сопствено купатило. Домот располага со вкупно 17 апсолвентски соби од кои 10 се новоизградени. Секоја соба има Интернет конекција со можност за користње на бесплатен Интернет –услуги согласно одлука на Владата за бесплатен интернет во студентските домови.

Сместувањето на гостите кои се очекува во голем број да допатуваат во Скопје, главно од Англија и Шпанија, беше тема во медиумите поради  високите цени околу 8 август. Поради тоа, во знак на револт, дел од граѓаните и фудбалските фанови бесплатно ги отворија своите домови за оние што ќе дјдат во Скопје за да гледаат фудбал.

Македонски фанови нудат бесплатен или евтин престој на Англичаните кои имаат проблеми со сместувањето за Супер купот

Ј.Ј.