Студентскиот филм „Враќање” на режисерката Дина Дума, кој претставува нејзина дипломска работа, доби Гран-при на 28 издание на Филмскиот фестивал во Херцег Нови, што се одржа од 1 до 7 август во Црна Гора. Во селекцијата за студентски остварувања за наградите одлучувало жири во состав Ања Димиќ, Балша Почек и Марко Угарковиќ.
„Филмот ги надминува рамките на студентска продукција и претставува автохтоно уметничко дело, кое според уметничкото достигнување им припаѓа и на фестивалите од професионален профил. Третирајќи ја темата на Втората светска војна преку призмата на емоција, овој филм е длабоко на страната на човечноста“, стои во образложението на жирито.
Филмот на младата режисерка Дина Дума припаѓа на жанрот драма, реализиран е во продукција на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во него учествуваат актерите Ивана Павлаковиќ, Димитрија Доксевски, Кристина Леловац, Ивица Димитријевиќ, Никола Ристановски, Владо Јовановски, Софија Куновска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Аксел Мехмед и Александар Вељановски. Сценариото на воената приказна сместена во Македонија во 1942 година е на Александар Русјаков и на Дина Дума.