Студентскиот парламент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ) на сите студенти од Македонија им го честиташе Интернационалниот ден на студенти – 17. Ноември.
Активизмот, според Студентскиот парламент при УКИМ, и вклученоста на студентите во општествените процеси е од големо значење.
„Секој студент, секоја негова идеја, желба за прогрес, образование, борба за подобро утро е прогрес за државата и за секој граѓанин. Студентите се оние кои ги менувале, ги менуваат и ќе ги менуваат општествените процеси во средината во која живеат“, соопштуваат од СПУКМ.
Од организацијата посочуваат дека СПУКМ игра клучна улога во животот на секој студент од Македонија и ги претставува на национално и интернационално ниво.
„Само во наредниот период СПУКМ ќе потпише меморандум за соработка со Агенцијата за млади и спорт, најавена е соработка и со Стопанската комора од каде ќе произлезат неколку проекти за самовработување. Ќе следува и помош на секој студент кој ќе сака да аплицира за студентски размени, но и студентски размени организирани од СПУКМ“, најавуваат од СПУКМ.
Во 1939-тата започнале студентски протести на Универзитетот во Прага поради убиство на активисти. Борбата која се водела во тоа време на тој простор од Европа е означена како борба за ослободување на Чехословачка. Две години подоцна 17. ноември е означен како интернационален ден на студенти во Лондон од страна на Интернационалниот студентски совет во кој членувале многу студентски унии.