Лоши услови во студентските домови, застарени административни процедури и хартиени документи на повеќето универзитети, дискриминација и корупција во амфитеатрите – напредокот на студентскиот стандард и високото образование и во минатата 2023 година беше соочен со низа предизвици и препреки, пишува Мета.мк. Сепак, забележителни беа и позитивни промени, во најголем дел иницирани од самите студенти.
Мета.мк потсетува на најзначајните теми и настани што ја одбележаа изминатата 2023 година за македонските студенти.
Зголемена финансиска поддршка од државата за студентите
Покрај субвенционираниот студентски оброк и стипендиите, во новата година студентите влегуваат со уште еден вид поддршка што им ја нуди државата – ваучери за меѓуградски превоз.
На крајот од 2023 година студентите се најдоа меѓу ранливите категории граѓани за кои се наменети новите антикризни мерки. Мерките кои ги засегаат студентите се однесуваат на оние кои студираат надвор од местото на живеење, па така, на трансакциските сметки на илјадници студенти од минатиот месец им легнуваат финансиски средства за покривање на дел од трошоците за меѓуградски превоз – од местото на живеење до градот на студирање.
Студентите добиваат по 1.200 денари месечно – сума која не може да покрие целосен месечен автобуски билет на ниту една релација во државата, но сепак значи олеснување за кревкиот студентски буџет, особено во време кога транспортните компании ги кренаа цените на автобуските билети „до плафон“. Оваа поддршка студентите ќе ја добиваат до јуни годинава, иако претставници на студентските организации изразија надежи дека мерката ќе продолжи да важи и во новата академска година од октомври.
Минатата година беше покачен и дневниот износ што студентите го добиваат како субвенции за оброк. До март 2023, студентите добиваа по 120 денари дневно, а од април почна да им се пресметува повисока сума од 140 денари дневно. Минатата академска година овие средства студентите ги добиваа на своите трансакциски сметки, додека од новата учебна година во октомври, почнаа да купуваат оброци преку наменски картички кај одредени трговци кои подготвуваат и продаваат храна, односно од маркети, сендвичарници, пекари и ресторани. Притоа, студентите во моментов можат да искористат најмногу 140 денари дневно од нивните картички – нешто што е многу веројатно дека ќе се промени од новиот семестар.
Според најавата од Универзитетското студентско собрание на УКИМ, се очекува од новиот семестар студентите средствата да ги добиваат на неделно ниво, односно наместо по 140 денари дневно, наеднаш на располагање да им бидат ставени по 840 денари (средства за шест дена во неделата, од понеделник до сабота) кои по своја волја ќе можат да ги користат во текот на една седмица.
Од пред две години, студентите почнаа да добиваат речиси двојно покачени стипендии во износ од 6.050 денари месечно, за девет месеци во годината. Сепак, дел од студентите кои беа дискриминирани и понатаму ги земаа пониските суми, дури и две години подоцна, сè уште не ја добиле сумата што им ја должи државата откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација во државната политика на стипендирање.
Овие студенти мораа да потпишат два документа како договор со Министерството за образование и наука (МОН), за оваа институција да им го даде она што им го должи. Поради очигледно проблематичниот буџет на МОН, исплатата на разликата помеѓу ниските и покачените суми, ќе се врши во три наврати, при што првата исплата студентите ја добија на самиот крај од 2023 година. Обврските кон студентите, согласно договорот, МОН ќе мора да ги подмири најдоцна до 30 јуни годинава.
Лоши услови во студентските домови, реконструкцијата постојано се одложува
Иако беше ветено и предвидено со буџетот на МОН за 2023, цела година не започна реконструкцијата на државните студентски домови низ државата.
Сепак, дури и оние студентски домови и згради кои се во функција, се соочуваат со низа предизвици. Проблеми со топлата вода, греењето и (не)функционирање на лифтови беа реалност во македонските студентски домови и во 2023 година.
Во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје речиси цел месец не работеше ниту еден лифт, во ниту една од четирите згради кои се дел од комплексот. Лифтовите сега се во функција, но само по еден во секоја зграда.
Во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, пак, станарите пријавија дека пронашле инсекти во храната во студентскиот ресторан, нешто за кое тврдеа дека се случувало три недели по ред. Директорот на домот за Мета.мк потврди дека видел фотографии со бубачки во храната, но не бил сигурен во нивната веродостојност.
Топлата вода е мисловна именка за дел од студентите-станари во скопскиот студентски дом „Пелагонија“, кои веќе со месеци се соочуваат со недостиг на топла вода, а некаде и воопшто нема вода.
Дел од студентските домови и понатаму се непристапни за лицата со попреченост. И покрај тоа што студентот Дарко Стојановски, сместен во „Стив“ во повеќе наврати се обратил до надлежните со барање за поставување на пристапна рампа до студентската менза во домот, нејзината изградба почна дури откако екипата на Мета.мк побара дозвола за снимање и ја објави сторијата.
Отсуството на пристапна рампа значи дека долг период не постоеше соодветен и еднаков пристап за сите студенти до студентската менза. Така, недвосмислено е јасно дека била извршена дискриминација според Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Во предизборен период, студентите, по обичај, повторно беа мета на пречкањето меѓу политичките партии, па така, беа и жртви на обиди за ширење дезинформации и манипулации. Преку поставување на лажни известувања и објави на социјални мрежи кои дезинформираат, одредени партиски мотивирани субјекти се обидоа да предизвикаат револт меѓу студентите, што на крај им помина неуспешно.
На самиот крај од годината беше потпишан договорот со кој почнува реновирањето на студентските домови, и тоа од домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“. Оваа обнова се прави во рамки на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, кој се реализира со пари од Германската развојна банка (KfW), од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.
Корупцијата и понатаму го попречува напредокот во високото образование
Кај 20 отсто од студентите во земјава постои мислење дека корупцијата е многу или екстремно распространета на факултетот на кој студираат, додека, според 24 отсто, корупцијата била умерено присутна на нивните факултети, покажа истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ.
И покрај ваквите бројки, само 3 отсто од студентите експлицитно кажале дека реагирале на некој начин на корупцијата на универзитетот. Најголем дел од нив (59%) рекле дека немало посебна канцеларија за пријавување корупција, а 38 отсто рекле оти не знаат дали на нивната установа постои таква канцеларија.
Запрашани зошто корупцијата не се пријавува, една третина од студентите во Северна Македонија ги навеле последиците за оној кој пријавува.
Од специфичните видови на несакано однесување на факултетите, студентите рекле дека најприсутно е мамењето на испити од нивна страна – нешто што го навеле 21 отсто од испитаниците.
Условувањето на студентите да ја купат книгата од професорот за да го положат испитот или да добијат подобри оцени е на второ место според зачестеност – ова коруптивно однесување го навеле 20 отсто од анкетираните.
На трето место е практиката студентите да им плаќаат на други лица за пишување на семинарски трудови и дисертации. Дека од нив било побарано мито на професори, пак, се изјасниле 9 отсто од студентите.
Корупцијата во образовниот систем е проблем кој ги саботира шансите за позитивен исчекор и затоа, и наставниците и учениците мора да ја знаат важноста на интегритетот и да бидат доволно оспособени и информирани за да се спротивстават на коруптивните практики и да понудат свеж и необременет пристап во борбата против корупцијата. Ова го кажа вицепремиерката Славица Грковска на тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“ што се одржа во април минатата година.
„Создавањето образовен систем без корупција, кој ќе обезбеди еднакви можности за сите ученици и студенти е единствениот систем кој може да води до понатамошна поширока промена во општеството. Коруптивниот светоглед не смее да биде дел од просторот каде што се обликуваат младите мозоци, ако сакаме образованието да ја има просветителската улога и да води напред, кон подобри меѓучовечки односи во општеството, подобри пракси на управување и конечно, до подобри услови за раст и развој на нашата држава и нејзиниот човечки потенцијал“, рече Грковска.
Целиот текст е на Мета.мк.