Од Универзитетското студентско собрание на „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) информираа дека студентскиот субвенциониран оброк ќе продолжи да функционира по старите критериуми, а ќе се исплаќа по стариот метод до 15 март 2023 година.
„Обезбедено е сите студенти кои досега беа корисници на студентски оброк и понатаму да останат. Универзитетските собранија ќе бидат дел од работните групи кои треба да го креираат системското решение на законот најдоцна до 15 март 2023 година. Борбата за подобар студентски стандард и образование продолжува“, истакнаа од УСС УКИМ.
Денес во Собранието се одржа средба смеѓу претставници на универзитетските студентски собранија, пратеници и претставници од Министерството за образование и наука, откако по бурните реакции на јавноста беа повлечени измените на Законот за субвенциониран студентски оброк.
Пред собраниската зграда пак, десетици студенти протестираа и бараа од пратениците „да ги заменат оброците“.
Инаку, реакциите дојдоа откако беа ставени, па повлечени законските измени со кои се дополнуваа критериуми, а со кои истовремено се зголемуваше и износот на субвенционираниот студентски оброк.
Од Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) претходно изјавија дека со таквото решение се предвидува да се стесни кругот на студенти корисници на субенционираниот студентски оброк, наспроти идејата да има здрав оброк за секого.
[Фото] „Ајде да ги замениме оброците“ – студентите им оставија лепче и зденка на пратениците