Студентското пленумско движење се сомнева за ненаменско трошење средства и судир на интереси на УСС УКИМ – оттаму тврдат дека работат транспарентно и без злоупотреби

Студенти обединети преку новата неформална организација Студентско пленумско движење (СПД) се загрижени за, како што наведуваат, недостиг на финансиска транспарентност на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), помалку средства за студентски проекти, а се сомневаат и за судир на интереси и користење на платформата за промоција на бизнис на бившиот студентски лидер. Од УСС УКИМ, пак, тврдат дека транспарентноста е задржана и негираат злоупотреби. 

„Иако УСС-УКИМ е обврзан да објави годишен финансиски извештај, до денес на веб-страницата не постои таков документ ниту за 2023/24, ниту за претходни години“, децидни се од Студентското пленумско движење.

Ова, сметаат, претставува прекршување на член 10 од Статутот на УСС, кој вели дека транспарентноста се обезбедува преку објавување на годишен финансиски извештај и јавен увид во материјално-финансиското работење.

Статут на УСС УКИМ

Студентското пленумско движење направило анализа на буџетскиот план на УСС за последните две академски години. Во академската 2023/24 буџетот изнесувал 3,1 милиони денари (околу 50.400 евра), додека за 2024/25 бил намален на 2,3 милиони денари (37.400 евра).

Тоа е пад за отприлика 25% или една четвртина.

Според СПД, ако за ланската година 58% од буџетот (29.000 евра) биле предвидени за студентски проекти, сега таквите средства се скратени. Односно, годинава биле предвидени само 700.000 ден (11.400 евра).

Предлог-Буџет на УСС УКИМ 2023/2024

Предлог-Буџет на УСС УКИМ 2024/2025

„Иако поддршката на административните процеси е легитимна ставка во секоја институционална структура, во случајот со УСС недостигаат јавни информации за критериумите за ангажирање на административните лица, постапката на избор и именување, описот на работните обврски и објективна проценка за потребата од вакви позиции во рамки на студентско тело, постои основ за сомнеж дека ваквите ставки може да се користат за финансиска компензација на блиски лица до раководството на УСС, преку формално измислени позиции и нејасно дефинирани ангажмани“, велат од Студентското пленумско движење.

Студентите гледаат и потенцијален судир на интереси при заедничка реклама со платформата Common.mk (А.С. Партнершип ДОО Скопје), која УСС ја објави на својот Инстаграм профил.

„Основач на фирмата е Славчо Темелковски, поранешен претседател на УСС. Според Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 2, став 3, ова може да претставува судир на интереси и злоупотреба на службена позиција за лична промоција“, соопштува Студентското пленумското движење.

На видеото што донесе различни реакции во студентската заедница, се гледа како Александар Николовски, моменталниот претседател на УСС УКИМ, зборува за „ексклузивен попуст на над 600 услуги за салони за убавина“, додека експретседателот Темелковски, сега во улога на претставник на платформата Common.mk, објаснува за попусти за „нега на лице, третмани за тело, масажи, шминка за вашата матурска прослава, нокти – бидејќи доаѓа таква сезона“.

„Недостигот на финансиска транспарентност, пренамената на средства, намалувањето на буџетот за студентски проекти, како и користењето на платформата за промоција на приватни бизниси поврзани со поранешни функционери, отвораат сериозни сомнежи за ненаменско трошење јавни средства, злоупотреба на статусот, судир на интереси и повреда на студентската доверба“, заклучуваат од СПД.

Радио МОФ за сите овие работи се обрати до претседателот Николовски. Во однос на видео-рекламата, вели дека досега имаат склучено 40 соработки со мали бизниси за попусти за студенти. Истото важело и со Common, а, до овој момент, немале слични реакции за таквите објави.

„Ние немаме никаква интерна злоупотреба или корист, зашто тоа се попусти за студентите, т.е. директните корисници. Славчо е основач на платформата заедно со уште неколку негови колеги и тој нема мандат во УСС. Тоа што бил претходно претседател, а сега дава можност за попуст за студенти – само е од бенефит за студентите, затоа што добиваат 20-25% на одредени услуги. Истото го имаме и во одредени сендвичари, ресторани, кафулиња. Ова го правиме за да се подобри стандардот на студентите“, вели претседателот на УСС.

За финансискиот извештај, пак, согласно Статутот, посочува дека тој се испраќа до Универзитетот, а Универзитетот го објавува во склоп на својот годишен извештај.

„Така да, не е дека ние нешто сме скриле. Таму се нашите активности што сме ги спровеле и финансиското работење, т.е. колку средства се реализирани од расположливиот буџет. Од тој аспект нема прекршување на Статутот, но, ете, може да го објавиме извештајот истовремено и на нашиот сајт“, посочува Николовски.

Во однос на висината на буџетот на УСС, тој се добива со 15% од средствата уплатени за ИКС-а. Кога ќе се направи математика за 22.000 студенти-укимци, вели тој, тоа се околу 2,2 милиони денари, зависно од уплатите.

Фото: Радио МОФ

„Буџетот минатата година беше 3,1 милион денари, заради тоа што од претходниот состав на УСС останаа околу 800-900.000 денари, кои ги немаше искористено. Затоа Буџетот беше толкав“, посочува Николовски.

УСС сега обезбедил поддршка од соработници, фирми, невладини организации, во висина од 13.000 евра (околу 800.000 денари).

„Со тоа, Буџетот ни е скоро ист како лани. Немаме никакво прекорување од Универзитетот дека лошо сме менаџирале со средствата“, тврди Николовски.

Од аспект на трошоци, според претставникот на УСС постои голем скок, бидејќи обезбедиле двосменско работење на Студентскиот културен центар (СКЦ). СКЦ бил полн за време на колоквиумска и испитна сесија, па со тоа ефектот е добар.

„Затоа за СКЦ сега е дуплиран трошокот на 400.000. Така има пренамена на средства. Потоа, имаме администратор кој го плаќаме во рамки на УСС УКИМ, потоа проектите што ги финансираме, студентскиот ‘Пулс’, списанието ‘Авангарда’ кое ќе ќе премине во рамки на Универзитетскиот комуникациски центар. Сега го финансиравме во овој буџет за да ја зголемиме транспаретноста за медиумска писменост, пишување статии, креирање на емисии и слично“, вели тој.

Изборот на луѓе што ќе работат во Студентскиот културен центар, досега не бил уреден со одреден правилник, бидејќи, како што посочува, кога почнал нивниот мандат не бил уреден начинот на функционирање на СКЦ.

„Во моментов подготвуваме Правилник за работа, со цел следниот состав да може да си постапува во однос на избор на студенти, предност, услови и сл. Оваа година и пол одевме од аспектот ‘кој е слободен’, зашто некој има студии меѓу 10-16 часот, или е слободен 16-22 часот. Одевме на база на делегати, им дававме можност да работат“, вели Николовски, најавувајќи дека за сите нивни активности, дејности и финансиското работење – наскоро ќе објават извештај по каналите и мрежи на УСС УКИМ.

Бојан Шашевски и Ангела Петкова