Висока пропорција и до 45% од македонските адолесценти имаат здравствено ментални проблеми. Почнувајќи од (не)задоволството од животот, преку психосоматските тегоби – главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето, до долготрајните периоди на нерасположение и дисфункционалност, тие покажуваат пораст со возраста, со сѐ поголеми меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата.
Ова се дел од заклучоците за делот на менталното здравје во земјава во извештајот „Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус“, објавен денес од Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа.
За Македонија, наодите покажуваат дека секое второ девојче (45%) на 15 години чувствувало депресивни симптоми од најмалку две недели континуирано, како и неспособност (34%) во надминување на состојбата.
„Во споредба со реултатите од 2014 година нема отстапувања, со мало подобрување кај момчињата, но само на 11 и 13 години, додека никакви разлики не се забележани во преодот од 13 кон 15 години, што е најклучното поле на транзиција кон зрелото адолесцентно доба“, се вели во извештајот.
Со студијата која се спроведува на секои четири години раководи Лина Ќостарова Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, главен истражувач за Македонија. Taa потенцира дека менталното здравје го поврзуваат со социјалното здравје, бидејќи, вели истражувачката, ако учениците немаат поддршка од своите развојни потреби и предизвици, не можат да одат напред. Односно, заглавуваат во некои периоди од развојот.
„Нема здравје без грижа за менталното здравје, нема стабилни, задоволни и одговорни возрасни, без безбедни, вклучени, информирани и респектирани млади“, нагласува националната координаторка на студијата.
„Како што нема да биде неочекувано, како последица од кризата со Ковид -19, да видиме и колку се ‘кршливи’ оние што немале безбедно и грижливо детство“, дополнува таа.
Извештајот е дел од Студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (ХБЦС). Опфатени се физичкото здравје, социјалните односи и менталната добросостојба на 227.441 деца на училишна возраст од 11, 13 и 15 години, од 45 земји. За Македонија се вклучени 4.685 ученици од три возрасти и два наставни јазика, македонскиот и албанскиот, со податоци за нивното здравје, навики и постапки.
„Тука особено место заземаат менталното и социјалното здравје, со високи меѓуродови разлики и пораст на психосоматски проблеми, со возраста, особено меѓу девојчињата, како и несоодветната поддршка и слабите капацитети на младите во справување со предизвиците на нивниот развој. Истовремено, тука се и ризичните однесувања (пиењето, опивањето, пушењето и раните сексуални искуства), почесто изразени меѓу момчињата и без тенденција на намалување, со возраста, како ни меѓу последователните истражувачки циклуси“, стои во извештајот.
Во поглед на исхраната, прекумерната тежина и физичката активност, податоците покажуваат висока пропорција на ученици што имаат најмалку еден заеднички оброк дневно со своите родители, во споредба со европските просеци. И покрај тоа, нашите деца се сѐ уште, како и во последните 10 години, меѓу првите во Европа кои секојдневно конзумираат слатки и газирани пијалаци, и што имаат прекумерна тежина (особено момчињата).
За социјалното здравје стои дека мнозинството млади во Македонија живеат со двајцата родители (88%). Довербата во семејството, и отвореноста да се разговара со мајката и таткото на теми што ги загрижуваат младите е висока. Истовремено, сексуално здравје и семејно насилство се „табу теми“ за кои со младите не се разговара.
Најзагрижувачки во европскиот регион се менталното здравје и добросостојбата
Извештајот открива дека општата добросостојба се намалува како што децата растат, при што ризикот од полоши исходи по менталното здравје е повисок кај девојчињата отколку кај момчињата. Во 45 земји опфатени со извештајот, еден од четири адолесценти кажува дека најмалку еднаш неделно се чувствува нервозно, раздразливо или пак не може да заспие.
„Тоа што зголемен број момчиња и девојчиња низ европскиот регион известуваат за нивното лошо ментално здравје – чувство на тага, нервоза или раздразливост – нѐ загрижува сите нас“, вели Ханс Хенри П. Клуге, Регионален директор на СЗО за Европа.
„Начинот на кој ќе одговориме на овој растечки проблем ќе одекнува со генерации. Вложувањето во младите преку, на пример, осигурување да добијат лесен пристап до услуги за менталното здравје, во склад со нивните потреби, ќе обезбеди тројна добивка: здравје, социјални и економски придобивки за денешните адолесценти, утрешните возрасни и идните генерации“, додава тој.
Во речиси третина од земјите, споредено со 2014, извештајот открива пораст во бројот на адолесценти што се чувствуваат оптоварени со училишни задачи и пад во бројот на млади кои известуваат дека го сакаат училиштето.
Во повеќето земји доживувањето на училиштето се влошува со возраста – задоволството од училиштето и перцепцијата за поддршката од соучениците се намалуваат додека притисокот од училишните задачи расте.
„Загрижувачки е тоа што гледаме дека адолесцентите ни кажуваат дека не е сè во ред со нивното ментално здравје и оваа порака мораме да ја сфатиме сериозно бидејќи доброто ментално здравје е клучно за здрава адолесценција“, забележува Џо Инчли, Меѓународен координатор на ХБСЦ студијата, од Универзитетот во Глазгов.
Во времето кога се објавува најновата студија ХБСЦ, со наодите од 2017/2018 година, светот се бори со пандемијата Ковид-19. Следната студија, што ќе ги претстави наодите од 2021/2022 година, ќе го прикаже влијанието на пандемијата и сите промени што таа ќe ги предизвика, во животите на младите.
„Споредувањето на податоците ќе ни помогне да измериме како долгите периоди на затворени училишта и забраните за движење влијаеле врз социјалните интеракции на младите, како и на нивното физичко и ментално здравје“, најавува Мартин Вебер, програмски менаџер за здравјето на децата и адолесцентите, при Регионалната канцеларија на СЗО за Европа.
Б.Ш.