Нова италијанска студија покажува дека милиони средовечни луѓе низ светот погрешно веруваат дека не се дебели, откако истражувачите го разгледувале процентот на телесни масти наместо индексот на телесна маса, пишува „Би-Би-Си“.
Употребата на ново, пониско ограничување на индексот на телесна маса може да даде поточна слика за тоа кој има поголем процент на телесни масти.
Со годините мускулите се намалуваат, а маснотиите се таложат околу органите во пределот на половината, често без тоа да влијае на промена на тежината.
Предизвикот сега е да се најде која алатка најлесно ја определува дебелината. Индексот на телесна маса се мери со делење на тежината во килограми со квадратот од висината на човекот во метри. Ова е лесен и брз начин на мерење кој е поддржан и од Светската здравствена организација и прилично точен кај повеќето луѓе, но со ваквото мерење не може да се направи разлика меѓу маснотии, мускули и коски.
Според ова, доколку индексот е 18,5-25 тоа укажува на здрава тежина, доколку е 25-29 тоа е прекумерна тежина, а над 30 покажува дека човекот е дебел.
Студијата на Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим која опфатила 4.800 луѓе на возраст од 40 до 80 години покажува алтернативен начин на мерење на дебелината – со мерење на процентот на маснотии во телото.
Само на 38% од мажите и 41% од жените вклучени во студијата индексот на телесна маса им е над 30, но по пресметката на процентот на маснотии во телото, 71% и 64% од нив се покажало дека се дебели.
„Ако продолжиме да го користиме стандардот на СЗО за мерење на дебелината, ќе пропуштиме многу средовечни и повозрасни луѓе кои се изложени на ризик од заболувања поврзани со дебелината вклучувајќи и дијабетес Тип 2, срцеви заболувања и некои видови рак“, изјави ко-авторот на студијата Антонио де Лоренцо.
Истражувачите велат дека за да се дефинира дебелината во иднина треба да се користи индекс на телесна маса од 27.
„Воспоставувањето на оваа нова точка на пресек на индексот на телесна маса во клиничките услови и упатствата за дебелина ќе биде во корисно за потенцијалното здравје на милиони повозрасни луѓе“, изјави доктор Лоренцо.