Над 300 микрограми на кубен метар од штетните честички ПМ10 покажаа речиси сите мерни станици на Министерството за животна средина утрово во девет часот.
Студениот бран што ја зафати цела држава полека почнува да попушта, но загадувањето се враќа. Во последните десет часа, загадувањето во повеќето гради достигнува и до десет пати над дозволената граница од 50 микрограми на кубен метар.
Утрово најзагадени се скопските населби Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба и Ректорат. Во Битола загадувањето достигнало највисоко ниво синоќа во три часот по полноќ, со 808 микрограми на кубен метар од ПМ 10 честичките, додека утрово опаднало на 308. За Велес, пак, нема податоци, додека Кичево е со 110 микрограми на кубен метар. Високи концентрации на ПМ 10 има и во Тетово, односно 214 микрограми на кубен метар, слично како и во Кочани, каде загадувањето со ПМ 10 достигна до 276 микрограми на кубен метар.
Сепак, ситуацијата не е поразлична и во Кавадарци, каде во девет часот биле измерени 287 микрограми на кубен метар, а во Куманово 382.