Субвенциониран меѓуградски превоз за студенти, предлага Форумот за образовни промени

Форумот за образовни промени (ФОП) денеска ја претстави својата иницијатива за субвенциониран меѓуградски превоз за студенти кои студираат надвор од местото на живеење. Станува збор за иницијатива која, како што рекоа, се однесува на олеснување на финансискиот товар за студентите, така што меѓуопштинскиот превоз ќе стане поевтин и попристапен, пишува Новинската агенција Мета.

„Нашите истражувања покажаа дека, на пример, на УКИМ – од 25.000 студенти на прв циклус, половина не се од Скопје, односно треба да патуваат за да ги следат предавањата. Исто е со другите универзитети во државата. За жал, цената во просек, дневно, за патување е околу 500 денари, што е прескапо за еден студент што не е вработен и нема толку финансии за да го поднесе тој товар“, рече Бленди Ходаи, извршен директор на Форумот за образовни промени.

Причините за ваквата иницијатива се високите цени на автобуските билети за меѓуградски превоз, кои и по завршување на кризата со нафтените деривати, останаа високи.

„Од 2022 година, кога почна руската агресија во Украина, има покачување од 40 проценти на цените на картите, поради тогашната криза со гориво. Сега веќе нема криза со цените на горивата, цените се нормализираа, но не се нормализираа цените на картите. Студентите пак треба да плаќаат високи цени во однос на патувањата“, изјави Ходаи.

Иницијативата за Субвенциониран студентски превоз е направена според моделот на младинската програма за превоз во Словенија, која е усвоена со тамошниот Закон за патен транспорт.

Предлогот е мерката да биде наменета за редовните студенти на универзитетите во Македонија, а би се реализирала преку две прифатливи опции: билет за 10 патувања месечно по цена од 1.100 денари, наменет за студенти кои патуваат поретко и неограничена месечна карта по цена од 2.150 денари – за студенти кои патуваат секојдневно.

„Ова ќе придонесе до намалување на финансискиот товар што го имаат студентите во државата. Според нашите истражувања, за еден студент да заврши студии во нашата држава, за четири години му требаат до 11.000 евра, што е голема сума“, вели Ходаи.

Според претставениот Документ за јавни политики, Субвенционираниот студентски превоз би се спроведувал преку јавно-приватно партнерство помеѓу владата и приватните автобуски компании.

„Владата ќе ја субвенционира разликата помеѓу фиксната студентска такса и трошоците за превоз, со што ќе се обезбеди финансиска одржливост за автобуските превозници. Програмата ќе им овозможи на студентите да патуваат на која било меѓуградска автобуска релација низ целата држава, независно од операторот, со што ќе се создадат услови за едноставен транспорт“, се вели во Документот за јавни политики „Субвенциониран студентски превоз“.

Целиот текст е достапен на Мета.мк.