Субвенционираниот студентски оброк уште се „готви“, неизвесно е кога и како ќе го добијат студентите

Неизвесна е судбината на субвенционираниот студентски оброк. Изминува првата недела од почетокот на новата академска година, а студентите уште не знаат дали државата и годинава ќе им го олесни финансискиот товар кога станува збор за нивната исхрана. Законодавците и надлежните смируваат дека измените се во тек и дека студентите сепак нема да останат „гладни“, пишува Мета.

Минатата година Министерството за образование и наука (МОН) конкурсот за субвенциониран оброк го објави 1 август. Годинешното доцнење на повикот и отсуството на официјални информации резултираа со сомнежи меѓу студентите околу тоа дали воопшто нивниот буџет годинава ќе биде поткрепен со оваа финансиска мерка.

Од МОН за „Мета.мк“ велат дека измените на Законот за субвенциониран оброк се во тек и дека веднаш по неговото усвојување, ќе биде објавен и конкурсот на кој ќе можат да аплицираат студентите.

„Во процедура се измени на Законот за субвенциониран студентски оброк кои ќе овозможат продолжување на користењето на оваа мерка и во новата академска година од страна на студентите кои навистина имаат потреба од истата. Јавниот повик ќе биде објавен веднаш по усвојувањето на измените и нивно стапување на сила, за што студентите навремено ќе бидат известени“, велат од Министерството за образование.

Студентите оставени на милоста на пратениците

Изготвувањето на предлог-законот со кој треба да се продолжи исплатата на субвенциониран оброк за годинава заврши на 11 септември, но сѐ уште не се нашол на собраниска седница.

Пратеничката Моника Зајкова од Либерално-демократската партија (ЛДП), партијата-предлагач на Законот, вели дека доцнењето на годинешниот субвенциониран оброк било најавено претходно, но дека законот овој пат ќе се имплементира системски, како што беше предвидено при неговото донесување во 2020 година.

„Веќе е готова драфт-верзијата на Законот, останува да ги додадеме нашите забелешки на она што се предлага. Треба да се направат одредби и да се врати системското решение на сила. Очекувам тоа да се случи за неколку недели, на следната собраниска седница, доколку за тоа постои консензус меѓу политичките партии“, вели Зајкова.

Следната собраниска седница е закажана за десет дена, на 17 октомври, но на агендата на седницата во моментов не е наведено и разгледувањето на изменетиот закон за субенциониран оброк.

Минатата академска година, средствата за оброци студентите ги добиваа месечно на своите трансакциски сметки, но истите можеа да ги користат кај сите трговци во земјава, без ограничувања, па дури и да ги извадат во кеш. Во вакви околности, студентите неретко со средствата за оброк купуваа други добра.

Според Зајкова, неопходно е законот годинава да се имплементира во неговата оригинална форма за средствата да можат да се користат наменски.

„Концептот на субвенционираниот студентски оброк е студентот наменски да ги троши средствата, за исхрана. Ако се трошат ненаменски, тогаш би станало збор за поинаква финансиска помош, што исто така е легитимно, но тоа би значело друг концепт и закон. Сакаме да биде навистина субвенција која ќе се користи за оброк и ќе функционира како што функционира во Словенија со години“, додава Зајкова.

Што предвидува оригиналниот Закон од пред две години?

Според Законот за субвенциониран оброк донесен во февруари 2020 година, субвенционирањето на оброците би се вршело во точно утврдени периоди од годината и во месецот и во точно утврдено време од денот, кај регистрирани даватели на субвенциониран студентски оброк. Плаќањето на услугата би се вршело преку дигитални картички кои би ги издавало МОН или преку мобилен телефон.

Даватели на субенциониран студентски оброк, пак, би биле угостители кои ќе се изберат преку јавен оглас и кои оброците би ги продавале по цени за најмалку 10 отсто пониски од редовните.

Во еден ваков случај, ќе биде потребно МОН најпрво да објави повик до угостителите кои би нуделе студентски оброк, а потоа и до студентите, што може да доведе до дополнително доцнење на спроведувањето на оваа мерка.

„Најавивме дека ќе доцни имплементацијата, доцни повикот, законот допрва треба да се донесе, ќе треба да се усвојат правилниците во рамки на МОН, а потоа да се пушти повик до угостителите, па повик до студентите. За тоа ќе биде потребно МОН да изнајде механизам како да се убрза имплементацијата. Факт е дека ќе има оброк иако ќе се задоцни со неговата исплата“, вели пратеничката Зајкова.

Иако постоеше иницијатива, засега нема најави дека износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари дневно ќе се зголеми.

Новиот претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Славчо Темелковски, вели дека УСС УКИМ веќе побарало зголемување на износот на студентскиот оброк, но во рамки на работната група за изработување на Закон за младински стандард, во кој би бил опфатен и Законот за субвенциониран оброк.

„Конкретно, нашето барање беше дека субвенционираниот студентски оброк мора да се зголемува соодветно на инфлацијата која владее во општеството. Доколку се споредат цените од времето кога е донесен законот за субвенциониран оброк и последните информации, може да забележиме покачување од над 27 отсто. Како се зголемува потрошувачката кошничка од ставката за храна и пијалоци, така треба да се зголемува и износот на студентскиот оброк“, смета Темелковски.

Минатата година, финансиската помош за оброк на студентите им се исплаќаше во периодот од 15 септември до 30 јуни, а за оваа намена МОН на годишно ниво издвои околу 15 милиони евра.

Мета