На полско-белоруската граница денеска избија судири меѓу заглавените бегалци и полските граничари, јавува „Ал Џазира“. Бегалците на граничниот премин Кузница, обидувајќи се да преминат во Полска, наводно фрлале камења врз полските граничари, кои одговориле со употреба на водени топови и солзавец, соопшти полското Министерство за национална одбрана.
Оттаму велат дека мигрантите ги нападнале нивните војници и граничари со камења и дека се обиделе да влезат на територија на Полска.
„Нашите сили употребија солзавец за да ја спречат агресијата на мигрантите“, додаваат тие.
Марта Шимандерска од „Група Граница“ која претставува коалиција на невладини организации кои реагираат на хуманитарната криза на границата, за „Ал Џазира“ изјави дека употребата на сила од Полска е целосно неоправдана бидејќи постојат правни процедури кои требало да се користат од самиот почеток.
„Активностите на полските сили не само што се нелегални, туку и нечовечки“, вели таа.
Не е јасно дали има повредени меѓу бегалците, додека најмалку еден полицаец е ранет.
Од Полската гранична служба велат дека „илегалните мигранти се собираат на граничниот премин во Кузница, на белоруската страна“.
„Ним им се придружуваат нови групи, кои досега сквотираа на граница. Се подготвува обид за насилно преминување на границата. Сè се одвива под надзор на белоруските сили“, додаваат тие.
Претходно, повеќе полски полициски службеници и безбедносни сили пристигнаа на границата за да спречат, како што тврдеа полските власти, обид на мигранти нелегално да преминат во Полска, односно на територијата на Европската Унија.
Видео снимката објавена на социјалните мрежи покажува дека луѓето кои се блиску до границата бегаат откако полските безбедносни сили употребиле водени топови. Ситуацијата сепак се смири до попладневните часови.