Нивото на конфликти во светот се зголеми по избувнувањето на пандемијата, се наведува во Глобалниот индекс за мир кој беше објавен денеска, пренесува „Н1“. Извештајот кој ја проценува состојбата во 2020 година покажува дека конфликтите ширум светот се зголемуваат деветти пат во последните 12 години. Основачот на институтот Стив Килеле рече дека за тоа е виновна пандемијата.
Иако нивоата на конфликт и тероризам се намалија во 2020 година, политичката нестабилност и насилните протести се зголемија, објасни Килеле.
Според него, економското влијание на пандемијата ќе создаде дополнителни неизвесности, особено во земјите кои веќе се бореа со тоа пред пандемијата. Опоравувањето најверојатно ќе биде многу нерамномерно, што може да предизвика натамошно продлабочување на пукнатините.
Генерално, Глобалниот индекс на мир забележа повеќе од 500 насилни настани поврзани со пандемијата меѓу јануари 2020 година и април оваа година.
Во 25 земји имаше повеќе протести отколку порано, додека во само осум земји таа категорија се подобри.
Најлошо е во Белорусија, Мјанмар и Русија, каде властите вршат насилен притисок врз протестите.
Граѓанските немири нагло се зголемија во САД за време на набљудуваниот период, не само поради пандемијата, туку делумно и поради растот на движењето „Црните животи се важни“, како и поради упадот во американскиот Капитол во Вашингтон во јануари.
Спротивно на тоа, стапката на убиства, смртни случаи како резултат на тероризам и перцепција на криминал значително опадна во голем број земји низ светот, иако ситуацијата значително се разликува од една до друга област. На пример, во Авганистан, Бразил, Јужна Африка и Мексико, повеќе од половина од населението продолжува да изјавува дека насилството е најголем ризик за нивната безбедност во секојдневниот живот.
Глобалниот индекс на мир опфаќа 99.7% од светската популација, и ја проценува ситуацијата врз основа на 23 квалитативни и квантитативни индикатори групирани во три области – тековни конфликти, безбедност и милитаризација.