Судот на ЕУ донесе значајна одлука за правата на трансродовите лица

Највисокиот суд на Европската Унија одлучи дека членките на Унијата мора да ги прифатат промените на името и полот добиени во други земји на ЕУ, во случајот на Аријан Мирзарафи-Ахи, трансродов маж со двојно државјанство во Романија и Велика Британија, пренесува Радио Слободна Европа.

Одлуката, која поставува значаен правен преседан, ќе влијае на милиони трансродови луѓе низ Унијата, со што ќе се осигури дека нивните идентитети се почитуваат и признаваат, без разлика каде живеат или патуваат во ЕУ.

„Родот, како и името, се основни елементи на личниот идентитет. Различноста на идентитетот што произлегува од таквото одбивање на признавањето, создава потешкотии за лицето да го докаже својот идентитет во секојдневниот живот, како и сериозни професионални, административни и приватни непријатности“, се вели во одлуката на судот.

Откако беше подложен на родова транзиција во Велика Британија, во 2020 година, додека земјата сè уште беше дел од ЕУ, името и полот на Мирзарафи-Ахи беа сменети на неговите британски документи.

Сепак, романските власти одбија да издадат нов извод од матичната книга на родените што ја одразува транзицијата, повикувајќи се на националниот закон.

Европскиот суд на правдата во Луксембург одлучи дека ова одбивање не е легално според правото на ЕУ, бидејќи сите земји-членки мора да ги признаат правните промени на полот во друга земја-членка.

„Плачев, навистина. Тоа беше навистина победа што ја чекавме многу години“, рече Аријан Мирзарафи-Ахи од Велика Британија додека неговите поддржувачи одржаа прес-конференција во Букурешт.

Групите за човекови права ја гледаат одлуката како победа за правата на трансродовите лица ширум Унијата.

Тие наведуваат дека ова поставува нов стандард за правно признавање на трансродовите луѓе и има далекусежни импликации врз нивната способност да живеат без дискриминација или непотребни бирократски пречки.

Пресудата е клучна за трансродовите лица кои се преселуваат во други земји поради работа, образование или лични причини.

Тие претходно се соочуваа со предизвици кога нивните лични документи не беа признати во другите земји-членки, што доведе до тешкотии во пристапот до услугите, патувањето, па дури и во основните работи како што се отворање банкарска сметка или запишување на училиште.

Судската одлука исто така има и длабоко симболично значење бидејќи потврдува дека правата на трансродовите се основни човекови права.