Под мотото „Правото на граѓаните пред интересот на моќниците“, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) утре во 11 часот организираат протест пред Граѓанскиот суд во Скопје на кој ќе го искажат револтот од пресудата против новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
„Време е гласно да кажеме дека правото на граѓаните е пред правото на моќниците – судот нема право да одредува кој смее, а кон не смее да работи како новинар“, стои во повикот за протест.
Овој протест доаѓа по одлуката на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“. Во пресудата се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се наведува дека тие не можат да се претставуваат како новинари и да прават новинарски емисии.
Новинарските здруженија реагираа дека оваа пресуда може да направи опасен судски преседан кој штети на независноста на новинарството, бидејќи го спори фактот дека граѓански здруженија можат да бидат медиуми во Македонија и го доведува во прашање нивното постоење.
„Ваквите квалификации во пресудата со заклучок дека ИРЛ воопшто не смеела да го објави истражувањето претставува тежок преседан и удар на слободата на изразување и слободата на медиумите и води кон потенцијална цензура. Уште повеќе загрижува и повикот на судијката до државните институции да го преиспитуваат работењето на граѓанските организации кои објавуваат новинарски содржини, па дури и камуфлирано предлага нивно затворање, што е својствено за авторитарни и диктаторски режими кои се пресметуваат со оние кои откриваат важни теми од јавен интерес“, реагираа од ССНМ.
Реакција испратија и од Агенцијата за аудиовизуелни медиуми (АВМУ), од каде потенцираа дека слободата на изразување е уставно гарантирана категорија и како таква е неприкосновена.
„Граѓаните имаат право да бидат објективно, навремено и точно информирани за сите прашања кои се од исклучителна важност и се однесуваат на јавниот интерес и остварувањето на ова право треба да биде поттикнувано и охрабрувано од сите релевантни чинители во општеството. Објавувањето уреднички обликувани содржини во кои не се прекршени професионалните новинарски стандарди, кои притоа се емитувани и на јавниот сервис е во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните“, стои во соопштението на АВМУ.