Пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг денеска започнува сослушувањето во врска со наводите на Јужноафриканската република дека војната на Израел против Хамас претставува геноцид врз Палестинците, што Израел жестоко го негира тоа.
Во случајот пред највисокиот суд на Обединетите нации, за кој веројатно ќе бидат потребни години за да се реши, Јужна Африка бара од судот да нареди итно запирање на израелската воена офанзива во Појасот Газа, укинување на ограничувањата за доставување помош и забрана на израелските директиви за евакуација.
Како што пренесува Асошиејтед прес, произраелски и пропалестински демонстранти утринава, и покрај студот, почнаа да се собираат пред судот во Хаг.
Денеска ќе започнат дводневни прелиминарни рочишта со адвокати од Јужна Африка кои ќе објаснат зошто земјата го обвини Израел за „акти и пропусти од геноциден карактер“ во војната во Газа и зошто бара од судот да издаде привремена наредба за итно запирање на израелските воени акции.
Утре израелскиот правен тим ќе ги изнесе своите аргументи.
Правните тимови на двете страни ќе имаат по три часа да ги изнесат своите аргументи, а пресудата би можела да биде објавена за неколку недели.
Иако Израел смета дека ОН и меѓународните судови се неправедни и пристрасни, испрати силен правен тим да ја брани својата воена операција започната по нападот на Хамас на 7 октомври.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа објави видео изјава во која ги брани постапки на неговата земја.