Врховниот суд во Мексико одлучи дека одгледувањето, поседувањето и користењето на марихуаната во рекреативни цели е легално и во рамки на правото на уживање во личната слобода.
За одлуката гласале четири судии, а еден бил против. Меѓутоа, пресудата се однесува само на еден предмет, за четворица кои сакале да основаат клуб на љубители на марихуана. Пресудата не дозволува продажба или комерцијална употреба на марихуаната, ниту воспоставува целосна легализација.
Во Мексико и понатаму се водат кампањи од организации и друштва кои поднесоа неколку петиции кои се уште се разгледуваат од страна на властите во Мексико.
Но, ако судот донесе иста пресуда за уште пет слични случаи, ќе направи преседан кој води до промена на законот и општа легализација на рекреативната употреба на марихуаната.
Луѓето ја прославија одлуката на судот со пушење џоинт пред зградата на Врховниот суд.
Десетици илјади убиства се поврзуваат со дрогата годишно во земјата. Државата била под притисок да ги олабави законите за дроги, откако неколку американски држави ја легализираа марихуаната. Од 2009 година, во Мексико е дозволено да се поседува до 5 грама марихуана.