Во 2015 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права во име на малолетникот Л.Р., кој е лице со повеќекратна попреченост, поднел апликација до Европскиот суд за човекови права за нечовечки и понижувачки третман вршен од страна на вработените во Заводот за рехабилитација „Бања Банско”.
Во соопштението од Хелсиншкиот комитет за човекови права се вели дека Европскиот суд за човекови права денеска донел пресуда, со која едногласно утврдил прекршување на членот 3 од Европската конвенција за човекови права – Забрана за нечовечки или понижувачки третман. Оваа одлука претставува и своевиден преседан на прифаќање на апликација во име на малолетно лице со попреченост, без можност да даде согласност да биде застапувано пред Европскиот суд.
Од Хелсиншкиот комитет соопштуваат дека се работи за осумгодишното дете, кое при посета од страна на Народниот правобранител во 2013 година беше најдено врзано за својот кревет во Заводот за рехабилитација ,,Бања Банско”. Случајот бил обелоденет во јавноста во 2014 година, а потоа Л.Р. бил посетен од страна на претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права, со што се иницирала постапка пред Јавното обвинителство.
„Л.Р. бил напуштен од своите родители со интелектуална попреченост по неговото раѓање во 2004 година и за негов старател бил назначен Центарот за социјални работи, кој спровел негово згрижување во неколку државни институции за социјална грижа. На едногодишна возраст му биле утврдени пречки во развојот, а кога Л.Р. наполнил три и пол години, тим на лекари му дијагностицирал интелектуална и физичка попреченост (церебрална парализа) и пречки во говорот. Врз основа на оваа дијагноза, во 2012 детето било сместено во Заводот за рехабилитација, институција од отворен тип, наменета за лица со физичка попреченост, несоодветна да одговори на потребите на малолетниот Л.Р.. Заводот, и пред сместувањето на Л.Р. а и за време на неговиот престој таму, во повеќе наврати реагирал до надлежните дека не може да сместува лица со ментална попреченост, бидејќи немаат доволно персонал, а дека постоечкиот не е квалификуван да комуницира со Л.Р., кој е глув и не може да зборува“ – пишува во соопштението.
Од Хелсиншкиот комитет велат дека Јавното обвинителство започнало истрага врз основа на која било утврдено дека сместувањето на Л.Р. во оваа институција било несоодветно и дека тој повремено бил врзуван за својот кревет со јаже од ,,безбедносни причини’’, односно за да го спречат да избега и со тоа да се стави себеси во опасност. Но, и покрај утврдените неправилности, Јавното обвинителство не нашло основ за кривично обвинение со објаснување дека кај вработените не постоела намера детето да се подложи на нечовечки и понижувачки третман, велат од Комитетот.
„Европскиот суд денеска одлучил дека во случајот на Л.Р. против Северна Македонија државата потфрлила во спроведувањето на соодветна истрага за случајот, системски потфрлила и постапувала спротивно на забраната за нечовечки и нехуман третман. Дополнително, Европскиот суд одлучи дека Северна Македонија треба да му исплати 18.000 евра на апликантот за нематеријална штета и 1.650 евра за трошоци. За можеме да зборуваме за извршување на оваа пресуда, сега од особена важност е државата да му обезбеди соодветна рехабилитација и да осигура дека средствата ќе бидат употребени за негова заштита. Хелсиншкиот комитет има сознанија дека Л.Р. во моментов е сместен во мал групен дом и напоменува дека будно ќе го следи извршувањето на пресудата“ – велат од Хелсиншкиот Комитет.