Апелацискиот суд во Нови Сад ја донесе првата правосилна пресуда во Србија за сексуална дискриминација на работно место, објави организацијата „Геј стрејт алијанса“ (ГСА).
Во писменото соопштение на ГСА се наведува дека Судот утврдил дискриминаторско однесување и тешка форма на дискриминација против 25-годишниот М.А. од Вршац, од страна на неговиот колега Д.К (26), кое траело повеќе месеци. Со правосилната пресуда, на Д.К. му е наложено да му исплати на оштетениот М.А. 180.000 динари (околу 1700 евра) за претрпена душевна болка поради повредата на правото на личноста, угледот и честа, како и да ги исплати судските трошоци, кои изнесуваат околу 1000 евра.
Во образложението на пресудата на Апелацискиот суд, меѓу другото стои и дека зборот „педер“ е „негативно, омаловажувачко, обезвреднувачко и навредливо“ означување на личност од машки пол и хомосексуална ориентација. Исто така, се вели и дека нарекувањето со овој израз претставува вознемирувачка и понижувачка постапка, која има за цел да се повреди достоинството врз основа на личното својство на истополовата сексуална ориентација.
M. A. и се обратил на Алијансата во 2011 и го опишал случајот во кој неговиот колега во подолг временски период го навредувал, му се заканувал и физички го злоставувал, поради што морал да побара и лекарска помош. Геј-стрејт алијансата соопшти дека е задоволна од пресудата и од релативната брзина на судскиот процес.