Делчевска текстилна работничка доби судска пресуда против сопственичката, која сега треба да ѝ исплати на работничката парична казна од 61.530,оо денари како и да ѝ ги надомести трошоците во постапката од 105,924,оо денари.
Информацијата за пресудата ја соопшти здружението „Гласен Текстилец“, кое воедно и ја поднесе тужбата против сопственичката.
Оттаму ја поздравуваат одлуката, додавајќи дека ова се кривични дела предвидени согласно Кривичниот Законик, па време е во пракса да се третираат како такви со цел да се намалат девијантните појави и злоупотребите на грбот на работниците.
„Истовремено, потребна е и поголема сензибилност за јавното обвинителството и судовите во државата за кривични дела кои што се застапени против работните односи и да започне да се практикува Кривичниот Законик, а не како досега само да биде запишано на лист хартија и да се третираат како прекршување на работни односи“, истакнуваат од здружението.
На сопственичката на делчевската текстилна фабрика ѝ се судело за кривичните дела „Повреда на права од работен однос“ и „Фалсификување на исправа“.
„Основното јавно обвинителство Делчево поднесе обвинение против осомничените лица за кривичните дела бидејќи лицето Соња Дамјанова како управител на ‘Аледам Фешн’ од Делчево не се придржувала кон член 97 од Законот за работен однос за престанок на работен однос од деловни причини и не ѝ исплатила испратнина на работничката и како управителка на правното лице ‘Палтекс АД’ од Делчево во име и за сметка на правното лице направила лажна исправа договор за вработување со оштетената работничка, кој договор непотпишан од страна на работничката го употребила пред институциите во државата“, велат од „Гласен текстилец“ во своето соопштение.