Двајца царински службеници ќе бидат суспендирани, а нивниот непосреден раководител ќе биде санкциониран, информираа од Царинската управа. Ваквата одлука доаѓа откако првичните наоди од внатрешната контрола покажале дека на 18 ноември, цариниците не го евидентирале електронски излезот на автобусот на „Беса транс“, односно само извршиле заверка на евидентен лист за превоз на патници.
Дополнително, од Царинската управа велат дека за возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на „Беса транс“ во кое пред два дена загинаа 45 лица во Бугарија има евидентирано повеќе преминувања во периодот од 15 октомври до 11 ноември.
„Преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува“, стои во соопштението на Царинската управа.
Министерството за транспорт и врски вчера ѝ ја одзеде лиценцата на компанијата „Беса транс“ откако беше утврдено дека автобусот кој изгоре во Бугарија не бил пријавен за меѓународен, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници.
Од ресорното министерство посочија дека фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.
Денеска во Северна Македонија е трет ден на жалост поради трагичната автобуска несреќа.
Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата на компанијата „Беса транс“