Според истоимената книга на Георги и Раја Господинови, во Театарот „Сенки и облаци“ во среда (23 април) од 19 часот ќе се одигра претставата „Свадби на животни и нешта“.
„Приказна за невидливиот живот на предметите околу нас, за фантазиите во доцните попладневни часови, кога иако наближува времето за спиење, сепак Раја и татко ѝ смислуваат разно разни игри. На пример, што би се случило ако се спојат кауч и крокодил, желка и шкаф, камила и чајник… Некои би се збуниле, но други би почнале да создаваат кроко-каучи (кои може да те каснат ако ги седнеш) или пак камило-чајничиња (кои мирисаат на камилица). Приказна која те повикува!“, стои во најавата за претставата.
Претставата е на македонски, долга е 45 минути и е наменета за деца над 5-годишна возраст.
Задолжителна резервација во инбокс на Фејсбук-страната на „Сенки и облаци“.
Препорачана донација е 250 денари.