Во „Јуроп хаус“ Струга утре ќе се одржи свечен настан по повод прогласувањето на добитникот на наградата „Млада Струга“ за 2024 година. Наградата се доделува во соработка со „Јуроп хаус“ и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.
Настанот за свеченото прогласување на добитникот на наградата „Млада Струга“ ќе се одржи утре (понеделник) со почеток во 11ː30 часот. Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ за 2024, беше распишан на 9 мај и беше отворен заклучно со 14 јуни.
„Наградата ‘Mлада Струга’ се доделува за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант, на возраст од 18 до 30 години. Оваа година наградата ‘Млада Струга’ беше возобновена преку соработка на Струшките вечери на поезијата со Делегацијата на ЕУ којашто од оваа година ќе биде покровител на наградите ЕНХАЛОН и МЛАДА СТРУГА преку Јуроп Хаус-Струга (Europe House-Struga), најновата членка на мрежата на Јуроп Хаус (Europe House)“, велат од Струшките вечери на поезијата.
Oсвен паричен износ, наградата вклучува и објавување на поетската збирка како дел од изданијата на СВП и учество на Фестивалот, по урнек на поранешниот конкурс на Книжевната младина на Македонија.