Заштитена, тивка или глува соба се некои од имињата кои ја означуваат новата просторија која денеска беше свечено пуштена во употреба во Собранието. Просторијата е прва од ваков вид во земјава, а е дизајнирана со највисоко ниво на заштита за строго доверливи документи.
Оваа просторија е изградена на начин што во неа или од неа не продираат електромагнетни бранови, велат од Собранието. Нејзината изградба е дел од широк повеќегодишен проект што го финансираат Велика Британија, Шведска, Швајцарија, ЕУ и Холандија, а го имплементира Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДИКАФ).
Просторијата, како што се наведува ги исполнува сите стандарди за аудио и антирадијација и е опремена да гарантира безбедност на класифицирани информации, придржувајќи се до највисоките „TEMPEST“ стандарди за заштита од радијација.
„Уште во 2017 година пратениците и од власта и од опозицијата се договорија ваква соба повеќе од потребни е да се изгради во Собранието, како дел од пакетот мерки за подобар надзор над тајните служби. Изградбата на оваа соба е многу повеќе од унапредување на условите за работа на трите надлежни комисии за следење на работата на безбедносните и разузнавачките служби. Заштитената соба ја унапредува надзорната улога на Собранието, на која сме особено фокусирани од почетокот на нашиот мандат. Заштитени соба не е сувопарно барање кое произлегува од Меморандумот за разбирање со ДИКАФ; таа е барање на НАТО. Оттука, процесот за нејзина изградба, набавка на опрема и операционализирање беа особено комплексни“, рече претседателот на Собранието Африм Гаши.
Тој истакна дека неговите претходници, пратениците од претходните парламентарни состави, заедно со службите и партнерите истрааја во заложбата да се изгради оваа соба според највисоките НАТО стандарди, со, како што рече, почитување на особено комплицирана тендерска постапка и примена на стандарди кои се во согласност со стандардите на НАТО.
„Во една прилика амбасадорот на Холандија, Јан Коп истакна дека цитирам ‘Граѓаните на Северна Македонија имаат ниска доверба во домашните институции. Ова е проблем низ целиот реформски процес. Така, изградбата на оваа соба би влеала доверба дека има соодветен парламентарен надзор над разузнавачката заедница’. Уверен сум дека изградбата на оваа Соба и исполнувањето на строгите критериуми ќе ја зголеми довербата на граѓаните во Собранието и ќе ја подобри оценката и перцепцијата, особено имајќи во предвид дека за да се операционализира Заштитената соба, потребно беше да се исполнат сите стандарди и безбедносни протоколи неопходни за нејзина акредитација“, додаде Гаши.