Британски свештеник ја соши устата во знак на протест поради замолчување на климатската наука во медиумите водени од медиумскиот магнат Руперт Мардок.
71-годишниот Тим Хејс овој симболичен гест го направи пред седиштето на корпорацијата на Мардок во центарот на Лондон. Во видео објавено на Јутјуб Хејс го нарекува Мардок „негатор на климатските промени“ и вели дека неговото влијание врз владите води кон недостаток на значајна акција кон климатските промени. На една од фотографиите тој држи транспарент на кој пишјува „Мардок – најдеструктивниот човек во историјата на Планетата“.
„Постојат безброј луѓе низ светот кои се безгласни и патат поради климатската криза. Климатската наука и вистината се замолчени и не се слуша гласот на оние кои патат. Ја сошив устата за да го покажам оваа ужасна и насилна деструкција низ светот како последица на активностите на Мардок и симболично да дадам светлина на вистината“, вели Хејс.
Покрај него на протестот беше и свештеникот Марк Колман, кој достави писмо до уредникот за екологија на весникот Тајмс, чиј сопственик е токму Мардок, со барање да остварат средба и да разговараат за ситуацијата.
Хејс е дел од организацијата Христијанска климатска акција, огранок на климатското движење „Extinction Rebellion“. Ова движење се подготвува за координирани протести под мотото „Неверојатната побуна“ кои треба да започнат на 23 август.
Ова не е прв случај на климатска акција на свештеникот Хејс. Тој бил уапсен во март 2020 година поради тоа што се залепил за мебел во суд во Лондон како дел од истата протестна организација.