За првпат во историјата американските научници успешно произвеле реакција на нуклеарна фузија што резултирало со нет-вишок енергија, пренесува Си-Ен-Ен.
Ова револуционерно откритие, кое го направиле научниците од Лабораторијата „Лоренс Ливермор“ во Калифорнија, ќе претставува огромен чекор кон децениската потрага по бесконечен чист извор на енергија кој може да помогне светот да се ослободи од фосилните горива.
Нуклеарната фузија се случува кога два или повеќе атоми се спојуваат во поголем атом, процес кој произведува огромни количини топлинска енергија. Ова е начинот на кој се создава енергија во активните ѕвезди низ Универзумот, како што е Сонцето.
За разлика од нуклеарната фисија, преку која се произведува струја насекаде низ светот, фузијата не генерира долготраен радиоактивен отпад.
Нет-вишокот на енергија која била создадена практично значи дека во процесот било произведено повеќе енергија отколку енергијата која била внесена. Токму поради ова дел од јавноста веќе го именуваа ова откритие како „Светиот грал на чистата енергија“.
Научниците низ светот ја проучувале нуклеарната фузија со децении, надевајќи се дека ќе можат лабораториски да ја произведат со цел да создадат бесконечна „чиста“ енергија. Вообичаено во овие научни проекти се користат елементите деутериум и тритиум, кои се изотопи на водородот. Сепак, од првите експерименти во 1950-тите години, науката досега никогаш не успеала да докаже позитивен вишок на енергија.
Деутериумот од чаша со вода, со малку додаден тритиум би можел да снабдува со струја куќа во текот на целата година. Тритиумот е поредок и потежок за добивање, иако постои можност да се создаде синтетички.
„За разлика од јагленот потребни ви се само мали количини водород, кој е најприсутен елемент во Универзумот. Водородот може да се најде во вода, па така направа која генерира ваква енергија е речиси безгранична и чиста“, објаснува за Си-Ен-Ен Џулио Фридман, поранешен технолог во Лабораторијата „Лоренс Ливермор“.
Големиот предизвик со енергијата која се добива преку фузијата е нејзино задржување доволно време за да може да напојува електрични мрежи низ светот. Успешниот американски експеримент е револуција, но сепак станува збор за енергија која е произведена на многу помало ниво отколку онаа што ќе биде потребна за напојување на една термоцентрала.
„Станува збор за енергија која е потребна за зовривање на 10 бокали со вода. Со цел тоа да го претвориме во термоцентрала ќе мораме да направиме многу поголеми вишоци на енергија“, објаснува Џереми Читенден од Кралскиот колеџ во Лондон.
Покрај складирањето и преносот на енергијата, научниците во иднина ќе треба да пронајдат начин како да произведат многу повеќе енергија преку нуклеарната фузија на многу поголемо ниво. Истовремено ќе треба да откријат и како би се намалиле трошоците, со цел ваквиот начин на производство на енергија да може да се употребува комерцијално.
За тоа ќе бидат потребни години, веројатно децении пред фузијата да може да приоизведува неограничени количини на чиста енергија, а трката на научниците ќе биде дополнително мотивирана поради катастрофалните последици од климатските промени.
Официјалната информација за ова научно откритие се очекува денеска да биде соопштена од Министерството за енергија на САД.