Младинскиот културен центар од Скопје и Кино Шишка од Љубљана вечерва од 20 часот организираат онлајн музичка програма „Шишка виа МКЦ“. Програмата ќе може да се следи преку Фејсбук/Јутјуб/Зум.
На менито е Светлост + Одрон Ритуал Оркестра. „Светлост“ е музички колектив основан во 2014 година. „Светлост“ е флексибилен ансамбл, кој основното трио Новковски/Омерагиќ/Спировски го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили.
„Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика. Во оваа инкарнација наречена Светлост + Одрон Ритуал Оркестра членуваат најзначајните џез музичари од повеќе генерации, кои зад себе имаат преку 30 албуми и 1.000 концертни настапи со групи како Sethstat, Палиндром, The Local Blue, Fighting Windmills, SD4, Shock Troopers, Aeon Arcanum, ГЛАСНОМ, Yordan Kostov Ensemble Modern, Avadarxi Quartet, La Colonie Volvox итн., кои во рамките на композициите на Новковски/Омерагиќ/Спировски наоѓаат плодно тло за звучна интеракција, која ги замаглува границите на формалното и слободното“, се вели во најавата на МКЦ.
Во септември 2019, во соработка со издавачот PMG Jazz, го издадаваат своето деби LP „Odron Ritual Orchestra“ кој се најде на неколку релевантни листи за најдобри џез албуми за 2019.
Кино Шишка, пак, го најавува „Oholo!“. Ова е поголем ансамбл, колектив, септет, создавајќи на пресекот на импровизирана и компонирана музика.