Средновековната Самуилова тврдина во Охрид денеска точно во 17 часот светна во боја, во знак на поддршка на лицата кои се борат со ретки болести. Осветлувањето на тврдината е и дел од националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“.
Покрај тврдината во Охрид, истовремено ќе бидат осветлени и други објекти низ земјата, како хотелот „Боград“ во Струга и општината во Битола.
„Се вклучуваме кон глобалниот повик на Еурордис за осветлување на локални и национални згради и со тој синџир на осветлени објекти сакаме на некој начин да ја скршиме таа изолација која што беше поради Ковид-19. Низ цел свет ќе бидат осветлени објекти, не само во Македонија“, вели активистката Гордана Лолеска од здружението „Живот со предизвици“ за Радио МОФ.
Лолеска исто така додава дека покрај Самуиловата тврдина која ќе биде осветлена во текот на целиот месец, во Охрид ќе бидат осветлени и други споменици и значајни објекти.
Кампањата „Ги запознаваме ретките болести“ годинава се одржува по трет пат.
Лолеска посочува дека почнувајќи од денеска, по порталите, телевизиите и радијата ќе се објавува по една ретка дијагноза. Оваа година, таа вели дека со медиумска поддршка се вклучиле максимален број од околу 50-тина национални и локални медиуми, кои ќе ја информираат јавноста на оваа тема, на македонски и на албански јазик.