По повод Меѓународниот ден на младите, 12 август, на Охридско лето ќе се одржи мултимедијален сценски фестивал на младите насловен „Светот на младите“.
Изведбата претставува проектна иницијатива замислена и организирана од Дејан Лилиќ, Центарот за Креативен Развој од Скопје и Арт Вивенди, во соработка со Министерството за култура, Охридско лето, ЗОО Градината од Скопје, Сојузот на извидниците на РМ, Младинската асоцијација на средни стручни училишта – МАССУМ и средните училишта од РМ – М.Пупин, П.Караѓозов, В.А.Дрен, К.Рацин, И.Н.Луј од Скопје и Ј.Сандански од Струмица.
Во периодот од месец март до средината на месец јуни, извршена е прво широка, па потоа потесна селекција, на некои од најдобрите во моментов, музички, театарски и модни креативни средношколски тимови. По селекцијата и изборот на претставниците од средните школи следат заедничките работилници и проби со ментори и професионалци, се со цел усовршување на настапите, вештините и тимските способности.
Организаторите соопштуваат дека во моментов тече подготовката на официјалната програма и сценариото на фестивалот и музичките арт презентации на средношколците и нивните тимови пред публиката.
Програмата на „Светот на младите“ планирано е да опфати сценска презентација на музичките победници на МАССУМ Образовното рандеву 2017 од повеќе насочени средни училишта од државата. Настанот ќе да биде поставен на сцената – Долни Сарај во термини одбрани во периодот од 12 до 17 часот.
На сцената пред публиката ќе се претстават во кабаре формат, со свои уметнички точки и дела, некои од најспоменуваните, најнаградуваните и најквалитетните средношколски музички, новинарски и видео тимови.
Замислата и целта на организаторите е ако не на овој, тогаш веќе на следниот Ден на младите, 12 август 2018, покрај најдобрите домашни средношколски арт тимови, на сцената на Охридско лето да се претстават и креативни тимови од градови од соседството, регионот, ЕУ и пошироко.
Интернационалниот ден на младите е ден посветен на глобалната свесност за младите. Како таков е востановен од Обединетите Нации во 1999 година.
Целта на овој ден е да се нагласи вниманието од потребата за ревидирање на начините како на младите да им се помогне подобро да се прилагодат, доживеат и реализираат себе во современото и модерно општество насекаде низ светот.