Земјата треба да се подготви за значително зголемување на бројот на населението до крајот на овој век – според најновите проценки, доколку трендот на зголемување на бројот на жители на планетата не се промени драстично, до 2100-та година на Земјата ќе живеат четири милиони луѓе повеќе отколку сега, околу 11 милијарди.
Сегашната бројка стои на 7.3 милијарди, а до 2050-та, на планетата ќе живеат 9.7 милијарди жители, покажува новиот модел, базиран врз актуелните стапки на раст на популацијата. До крајот на векот, на Земјата би можеле да живеат и 11.2 милијарди луѓе, објави John R. Wilmoth, директорот на Одделот за население на Обединетите нации.
Според проценките, во овој период најмногу би се зголемил бројот на население во Супсахарска Африка. Иако ова се само прогнози, ваквите статистики се важни за планирањето на иднината. На пример, тие велат дека САД ќе мораат да вдомат дополнителни 1.5 милиони луѓе секоја година, што е зголемување од сегашните 322, на 450 милиони жители во следните 85 години.
За една земја да се подготви за предизвиците кои ги носи ваквиот демографски бум, потребно е драстично да се променат политиките во сите клучни општествени сектори – од енергетиката и пазарот на трудот, до здравствените политики и екологијата.
Земјите со големи стапки на развој, како Кина, Бразил и Индија веројатно ќе се соочат со најдраматичните социјални последици од демографските промени. Нивните популации ќе се состојат од најголем дел млади луѓе, а како населението ќе старее и ќе расте, ќе се постави прашањето дали постои доволна поддршка за него во овие општества.