Глобалните ценовни шокови на храната и горивото кои се поврзани со војната во Украина се проценува дека ќе траат барем до крајот на 2024, пренесува „Еуроњуз“.
Според извештајот на Светска банка, добиените статистики може да значат и ризик од зголемена „стагфлација“.
Во првата подетална анализа се вели дека преку влијанието на војната врз пазарите и банките, ова е и најголемиот глобален ценовен шок од 1970 година.
Според извештајот состојбата се влошува поради ограничувањата во трговијата со храната, горивото и ѓубривата со што има поголеми инфлациски притисоци ширум светот.
„Креаторите на политиките треба да ја искористат секоја можност да го зголемат домашниот економски раст и да избегнуваат актвности што нанесуваат штета на глобалната економија“, изјави Индермит Гил, потпретседател на Светска банка за правичен раст, финансии и институции.
Русија е најголемиот извозник на природен гас и втор најголем извозник на сирова нафта. Заедно со Украина, двете држави сочинуваат скоро една третина од глобалните извозници на жито, 19 отсто од извозниците на пченка и 80 отсто од извозниците на сончогледово масло.
Производството и извозот на овие и други производи е нарушено откако Русија на 24 февруари започна со украинската инвазија.
Како резултат на ова, Светската банка очекува енергетските цени да се покачат за 50 отсто во 2022, пред тие да се намалат во 2023 и 2024, додека цените на другите производи, како метали, овошје и зеленчук, се очекува да се искачат за 20 отсто пред да се намалат.