Светската метеоролошка организација потврди температурен рекорд од 38 целзиусови степени на Арктикот

Светската метеоролошка организација (СМО) ја потврди температурата од 38 целзиусови степени измерени во рускиот град Верхојанск на 20 јуни минатата година, како нов температурен рекорд за Арктикот, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Верхојанск се наоѓа во источен Сибир, на околу 115 километри северно од Арктичкиот круг.

Како што е објавено на веб-страницата на СМО, просечните температура над Арктичкиот Сибир биле дури 10 степени над нормалата во поголемиот дел од летото минатата година, што доведе до големи пожари.

Генералниот секретар на СМО, Петри Талас изјави дека во 2020 година е забележан и нов температурен рекорд, односно 18.3 степени целзиусови на Антарктикот.

„Истражувачите на СМО моментално работат и на проверка на температурните отчитувања од 54.4 степени забележани во 2020 и 2021 година на најтоплото место во светот – Долината на смртта во Калифорнија, како и на проверка на нов европски температурен рекорд од 48.8 целзиусови степени  ова лето во Сицилија“, наведе Талас.

Тој исто така истакна дека СМО никогаш не работела истовремено на потврдување на толку многу температурни рекорди.