Светската популација порасна за над 75 милиони луѓе во 2023 година, но стапката на раст на населението забавува, јавува Форбс. Според американското Биро за попис, на 1 јануари, светската популација ќе изнесува повеќе од 8 милијарди и 19 милиони луѓе.
На почетокот на 2024 година, се очекуваат 4.3 раѓања и двa смртни случаи во светот секоја секунда, според Бирото за попис.
Во ноември 2022 година, Обединетите нации проценија дека светската популација достигна 8 милијарди луѓе, 11 години по достигнувањето 7 милијарди луѓе, при што генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го припиша растот на населението на „научните откритија и подобрувањата во исхраната, јавното здравство и санитарните услови“.
Сепак, Бирото за попис процени дека светската популација достигна 8 милијарди на 26 септември 2023 година, велејќи дека разликите помеѓу нивната и проценката на ОН се поврзани со недостатокот на одржување пописи на населението и системи за прецизно евидентирање на раѓања и смртни случаи кај некои земји.
Со забавување на стапката на раст поради фактори како што се падот на стапката на плодност и пропорционално помалиот број млади луѓе, Бирото за попис предвидува дека ќе бидат потребни нешто повеќе од 14 години за светската популација да достигне 9 милијарди, односно уште 16.4 години да достигне 10 милијарди.