И Македонија го одбележува 2 април, Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот. Од коалицијата на невладини организации „Боите на животот“ се повикуваат сите граѓани, институции, но и политички партии да го обележат овој ден со носење сини маици, со поставување сина боја излозите, становите, интерент страниците…, а со цел да се потенцира оргомниот раст на оваа болест.
Од здружението „Во мојот свет“ пак ј најавуваат кампањата „Еден свет за сите“ која ќе се одвива во текот на цел месец, а централниот настан ќе се одржи попладне во Скопје сити мол.
Невладините ги повикуваат одговорните министерства и институции да отворат нови можности за унапредување на здравствената состојба на оваа група лица, подобрување и зајакнување на едукација на населението и на медицинскиот персонал со цел рана детекција на овие лица во Македонија.
Аутизмот е биолошко развојно нарушување на мозокот. Главни карактеристики на аутизмот се слаба или никаква социјална интеракција и комуникација, ограничени активности и повторувачки шеми во однесувањето. По тие карактеристики аутизмот се разликува од останатите нарушувања од групата нарушувања од аутистичниот спектар. Причините за аутистичното нарушување се уште не се во целост познати, но истражувањата покажале дека се јавува еден до два случаи на аутизам на 1000 луѓе.
На децата, знаци на аутизам се приметуваат во првата и најкасно втората година од животот. Раното откривање на болеста е важно за стекнување на социјални вештини и самостојност, но лек нема. Кај оние со блага форма на аутизам, можен е самостоен живот.
Тоа е состојба која различно се манифестира кај секое дете, но, генерално сите деца со аутизам имаат неколку заеднички карактеристики како тешкотии во говорот, јазикот и невербалната комуникација; тешкотии во социјалната интеракција – луѓето (посебно децата) со аутизам често имаат тешкотии во започнувањето и одржувањето врски со врсниците; тешкотии со фантазијата и внатрешниот говор како и стереотипни активности – крцкање со прсти, вртење на предмети или неуморно гледање на предмети кои се вртат…