Францускиот институт во Скопје организира предавање на Седрик Вилани, светски познатиот француски математичар, добитник на Филдсовиот медал, кој се смета за еквивалент на Нобеловата награда во математиката. Предавањето ќе биде на тема „Уметноста и математиката“, а ќе се одржи во недела (9 април), во просториите на МАНУ, со почеток во 16 часот.
Вилани е eминентен француски научник, професор на Универзитетот во Лион, директор на Институтот Анри Поенкаре и член на Француската академија на науките и уметностите.
Тој се смета за врвен математички амбасадор и поп-промотор на математиката. Добитник е на бројни признанија, а во 2010 година е одликуван со медалот Филдс, најпрестижната награда во областа на математиката.
Неговите главни теми на истражување се кинетичката теорија и примената на оптимален транспорт, за што напишал две референтни книги: „Тематики во оптималниот транспорт“ (2003) и „Оптимален транспорт, во минатото и денес“ (2008). Автор е, исто така, и на следните дела: „Жива теорема“ (2013) и „Куќата на математиката“ (2014).
Предавањето е од отворен карактер и е со симултан превод.
Научниот циклус се организира во соработка со Универзитетската агенција на Франкофонијата и Македонската академија на науките и уметностите.