Свидетелствата се бесплатни, учениците да пријават ако им се бараат пари

Издавањето свидетелства на крајот на училишната година е бесплатно, информираат надлежните институции. Укажуваат дека секое барање пари од наставници треба да се пријави, но засега немаат информации за конкретни пријави.

Од Министерството за образование и наука за ова прашање ушатуваат на Државниот просветен инспекторат, како надлежна институција за контрола над работата на училиштата, менаџментите и вработените, но како надзор за остварување на правата во областа на образованието.

Информираат дека до МОН не е доставена информација дека на некои ученици им се наплатува за подигнување на свидетелство. Ако има таков случај, велат, засегнатите можат да се обратат на електронската адреса на Инспекторатот dpi@mon.gov.mk, или на телефонскиот број 02 3 140 103.

Од Државниот просветен инспекторат, пак, велат дека учениците треба прво написмено да пријават во улилиптата.

„Секој ученик или група ученици кои даваат наводи дека од нив е побарана такса за сведителства, најпрво ги упатуваме написмено да се обратат до органите на училиштата од кои ќе побараат писмено образложение за што точно им е побарана такса. Доколку се незадоволни од одговорот, ги упатувме да се обратат до нас со сите релевантни информации и ние како надлежна институција, за секој случај поединечно ќе извршиме инспекциски надзор“, велат од Инспекторатот.

Оттаму не одговорија на прашањето на Радио МОФ за тоа дали до нив стигнале пријави за овој проблем во текот на оваа, но и претходните учебни години.

И Народниот правобранител укажува дека училиштата не смеат да наплаќаат за издавање на свидетелствата. Тие го цитираат Законот за основно и Законот за средно образование каде стои дека секое дете, има право на бесплатно и квалитетно образование, кое е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови. 

„Со оглед дека учебната година заврши, a на учениците треба да им бидат издадени свидетелства, кои пак, се неопходна документација за запишување односно продолжување на образованието, Народниот правобранител им укажува на училиштата дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот и за издавање на истото не смеат да ги условуваат учениците односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства“, стои во реакцијата.

Народниот правобранител исто така ги охрабрува учениците и нивните родители или старатели ваквите случаи на наплата, кои се вршат спротивно на закон, да ги пријават во Државниот просветен иснпекторат или кај Народниот правобранител, а воедно апелира од страна на овој орган кој врши контрола над работата на училиштата и остварувањето на правата во областа на образованието соодветно да реагира за да ги спречи ваквите незаконити наплати и истите да се санкционираат.

За проблемот со наплатата на свидетелствата извести Сојузот на средношколци, од каде посочија дека до нив пристигнале поплаки од ученици во повеќе градови за праксата да се плаќа за свидетелството.

Цената варира од 50 до 100 денари во некои училишта, тврдат од Сојузот. Ова според нив, е скандалозно.

„Тетовските гимназии „7 Март“ и „Кирил Пејчиновиќ“, економското средно училиште „8 Септември“, како и средните стручни училишта „Моша Пијаде“ и „Гоце Стојчевски“ наплаќаат 50 денари од своите ученици за издавање на свидетелства. Овој износ учениците мораат да го платат во текот на јуни. Средното медицинско училиште во Тетово наплаќа дури 100 денари за издавање на свидетелство. Покрај тетовските средни училишта, Сојузот доби слични информации за средни училишта во Скопје и Куманово. Училиштето „Зеф Љуш Марку“ исто така бара 50-100 денари од своите ученици, додека кумановската гимназија „Гоце Делчев“ има долго воспоставена пракса. Секоја учебна година од учениците биле барани 50 денари такса за свидетелство. Класните раководители воделе евиденција за тоа кој платил, а кој не. Доколку ученикот не ја плати таксата во јуни, тој не добива свидетелство. Ако сака воопшто да добие, треба во септември да плати и свиделството веднаш го добива“, напишаа минатата недела од Сојузот.

Од Сојузот велат дека за ваквата пракса ќе го известат Просветниот инспекторат.

Ј.Ј.