Свидетелствата за учениците од деветто одделение и матурантите беа поделени во јуни, но за сите останати ученици од основните и средните училишта ќе бидат дистрибуирани во периодот од 17 до 20 август, велат од Бирото за развој на образованието за Радио МОФ.
Оттаму не наведуваат која е причината за задоцнетото снабдување со свидетелства за сите ученици, но посочуваат дека приоритет имале деветтоодделенците и матурантите поради упис во гимназија и факултет. Сепак, свидетелства добиле и ученици кои имале потреба итно да го добијат овој документ поради преселба, префрлување во друго училиште, или изгубено свидетелство.
„На сите редовни ученици од средните училишта кои завршија средно образование во учебната 2020/2021 година во месец јуни им беа поделени свидетелства и дипломи за државна матура, училишна матура, за положен завршен испит за четиригодишно и тригодишно средно образование. За овие ученици до сите средни училишта беа доставени и Главни книги за државна матура, училишна матура, за положен завршен испит за четиригодишно и тригодишно образование за да може уредно да се заведат сите дипломи за завршено средно образование“, велат од БРО.
Во јуни, Средношколскиот сојуз обвини неколку училиште дека прават бизнис од јавното образование бидејќи им ги наплаќале свидетелствата на учениците, иако тие законски се бесплатни. На прашањето упатено до БРО, дали училиштата им ги вратиле парите на учениците кои ги зеле за свидетелствата, оттаму кусо ни одговорија:
„Бирото за развој на образование секоја учебна година целосната педагошка евиденција и документација за сите редовни ученици од основното и средното образование, бесплатно ја доставува до сите основни и средни училишта.“
Од Државниот инспекторат за образование претходно потврдија дека во две средни училишта наплаќале од учениците за свидетелства. Во нивниот извештај се наведува дека во средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово е утврдено дека дел од класните наставници годинава собрале средства за пополнување на свидетелства во електронска форма, по волја на родителите. Исто така, Инспекторатот откри неправилности во средното училиште „Мирче Ацев“ во Прилеп, каде биле собирани пари од гимназијалците кои завршувале четврта година.
Сојузот на средношколци реагираше и за „Зеф Љуш Марку“ и „8 септември“ во Тетово. Но од Инспекторатот не биле утврдени неправилности во овие две средни училишта.
Е.П.