Свиркање на јавни простори, дофрлување и зјапање, следење, попречување на патот, покажување гениталии и мастурбирање, сексистички коментари, туркање и шамари, сексуални напади, закани… Сите овие форми на сексуално вознемирување се нотирани од иницијативата Женска Слободна Зона, која спрoведе и објави истражување со 231 испитаничка за искуствата од јавните простори во градот Скопје.
Истражувањето во текот на месец октомври го изработија Андреа Велинова и Јована Здравевска, а Женска Слободна Зона веќе спроведе и герила-акција за да ги обележи местата во Скопје каде најчесто се случува/ло сексуално вознемирување.
Авторките потенцираат дека во истражувањето нема евиденција за испитаничка која одговорила дека не ѝ се случило, или не доживеала некаква форма на сексуално вознемирување на јавен простор.
„Но, исто така, немаме евиденција за испитаничка што доживеала само една форма на сексуално вознемирување, што ја потврдува општата хипотеза дека сексуалното вознемирување на јавните простори во градот Скопје е присутно во голема мера, како и фактот дека жените не доживуваат само една форма на сексуално вознемирување“, велат авторките на документот.
Како најчести форми на сексуално вознемирување, биле истакнати свиркањето (од улица или од автомобил), дофрлувањето („маче“, „срцка“, „пиле“) и нападнато гледање или зјапањето.
„Според добиените податоци, можеме да заклучиме дека најчесто се евидентирани вербалните, односно невербалните форми на сексуално вознемирување, меѓутоа важно е да се напомене дека дел од испитаничките одговориле дека доживеале физичко насилство или закана за насилство, што претставува сигнал за важноста на освестувањето и борбата против родово базираното насилство“, забележуваат истражувачките.
Во однос на местото на живеење на испитаничките, најголем број го навеле само градот Скопје, општините Аеродром, Центар и Карпош. Во однос на улиците и препознатливите места каде што се случило вознемирувањето, најголем број испитанички ги навеле улицата „Партизанска“, Градскиот парк, Плоштадот „Македонија“, Железничката станица, Чаршијата, ГТЦ, Бит Пазар, Рекорд итн.
Ова, велат авторките на документот, укажува на тоа дека местата на живеење на испитаничките се поклопуваат со општините каде се случило сексуалното вознемирување, како и фактот дека станува збор за едни од најфреквентните места во градот Скопје.
„Во ова истражување не се испитуваше фреквенцијата на доживеано сексуално вознемирување во текот на животот и која форма најчесто ја доживеала една жена. Исто така, не се испитуваа начините на кои се справувале или се справуваат со истото. Во поглед на возраста, групата на жени од рана зрелост беше побројна, што може да укажува на тоа дека сексуалното вознемирување, односно сексуализирањето и објективизирањето на жените започнува од рана возраст и како да бележи тенденција на опаѓање со текот на возраста“, потенцираат тие.
Во однос на системското справување со сексуалното вознемирување на јавно место, сметаат дека е важно да се напомене дека истото не е криминализирано, односно не постои член во Кривичниот законик преку кој ќе може да се гони сексуалното вознемирување на јавно место.
„Меѓутоа, и покрај тоа, важно е да се нагласи дека правосудните органи се прилично неажурни по однос на реагирањето на родово базираното вознемирување и насилство, што дополнително влијае на денешните резултати“, забележуваат истражувачките.
Сексуалното вознемирување на јавни простори, како општествено безбедносно прашање, потенцираат тие, бара вклучување на – 13 – сите релевантни страни (општествени, образовни, здравствени, социјални, правосудни институции) во креирање реактивен и, уште поважно, превентивен пристап на решавање на проблемот.
„Недостатокот на истражувања за сексуалното вознемирување на јавните простори во нашата држава, кои би се бавеле со причините поради кои се случува сексуалното вознемирување, како и тенденцијата за вознемирување од страна на вознемирувачите, исто така претставува огромен недостаток. Постоењето на овие податоци би помогнало во избирањето превентивни механизми за справување со вознемирувањето“, се вели во документот.
Родот игра важна улога во односите меѓу поединците како и меѓу поединците и општеството, забележуваат авторките, дополнувајќи дека сведочат родова нееднаквост која се провлекува низ сите сегменти на општествениот, социјалниот и политичкиот живот.
„Нееднаквата распределба на моќ, патријархални норми и традиционалните родови улоги придонесуваат до нормализација на родово базираното вознемирување што прераснува во насилство, ја зголемува виктимизацијата кај жените и ги ограничува нивните права и слободи“, стои во документот.
Авторките напоменуваат дека една од целите на ова истражување беше и актуализација на сексуалното вознемирување на јавни простори и негово препознавање во насока на превентивен, односно реактивен одговор на истото, како и потенцирање на важноста на родовите односи и изградбата на мирот.
„Прекинувајќи ја спиралата на насилство преку едукацијата, реагирањето на вознемирувањето, емпатијата и солидаризацијата со жртвите, придонесуваме кон освестувањето и намалувањето на родово базираното насилство, кое игра значителна улога во стремежот за изградба на траен мир на локално и глобално ниво. Ова истражување е произлезено од Напредната Програма за Изградба на мир и соочување со минатото и е поддржано од Мировна акција“, се вели во докуменот.
Инаку, во истражувањето е користен пригоден примерок, составен од 231 испитаничкa (N=231) која доживеала некаква форма на сексуално вознемирување на јавните простори во Скопје. Во однос на полот, прашалникот бил пополнет од испитаници од двата пола, меѓутоа во понатамошната анализа биле исклучени тринаесетмина мажи, бидејќи се работи за родово базирано истражување.
Бојан Шашевски