НоваТВ ја објави својата алатка за за безбедно пријавување корупција и криминал, како и други злоупотреби во институциите, бизнис секторот и пошироко наречена „Свирни за вистината“.
Како што информираат од НоваТВ, ова е првата ваква комплетно безбедна алатка направена по примерот на водечките светски редакции кои на своите читатели им овозможуваат анонимно и безбедно да достават документи, дојави и други докази за злоупотреби.
Потенцираат дека во денешните бурни времиња во кои голем дел од политичарите ја перципираат државата како нешто што им е оставено во наследство од родителите, па со парите и правата на граѓаните прават што ќе им падне на ум, неопходна е сите да се вклучат во зачувување на татковината.
„Замислете дека сте основале фирма заедно со уште десет луѓе. Сите вие како сопственици на таа фирма, именувате директор. Нему му ги доверувате парите што сте ги инвестирале во фирмата и тој треба да работи на начин кој ќе гарантира дека вие и вашите вработени ќе работите успешно, а со тоа ќе имате подобри, поголеми примања и поквалитетен живот. Тој има моќ со неговиот потпис да носи одлуки во име на сите вас, а тие одлуки да се стремат да го остварат она што погоре го пишавме. Што ќе направите доколку човекот кој сте го именувале да управува со она што сите заедно сте го создале, не работи за доброто на компанијата и сите нејзини членови, туку прави финансиски малверзации и заедничкиот капитал го троши за лични цели. А поради ова на фирмата е и оди добро, немате пари за плати, не остварувате приходи и не можете да инвестирате и да се ширите.
„Доколку овој човек биде фатен дека го прави ова, Управниот одбор кој е составен од сите вас, со сигурност ќе го разреши и ќе го пријави во полиција и ќе одбере друг човек кој ќе може да ги реализира интересите за кои сте се договориле дека ќе работите кога сте ја формирале вашата заедничка фирма. Истовремено дали ќе бидете среќни да дознаете дека дел од вашите партнери и вработените молчеле додека гледале како ова се случува, бидејќи не сакале да се мешаат, им било страв и биле под притисок. Веројатно не. Овој пример е едноставна илустрација која тимот на НОВА ТВ ја употребува кога и обучува младите кадри да разберат зошто е важно да разберат како функционира државата и зошто е важно да се откриваат системските злоупотреби“, стои во објаснението на сајтот за проектот.
Од НоваТВ потенцираат дека Македонија е држава во која што според официјалните статистики има околу 2 милина жители. Сите тие имаат еднаков дел од државата.
„Да си замислиме дека Македонија е фирма која ја поседуваат 2 милиона акционери со еднаков удел и секој од овие акционери излегува на избори за да го одбере идниот менаџер. Премиерот на државата, е менаџер на околу два милиона акционери со еднакво право на глас и еднакви удели кој управува со нашите влогови кои ги плаќаме преку даноци, а довербата која му ја даваме да одлучува во име на сите нас со кои е еднаков треба да ја употреби за да ги унапреди нашите животи. Ако тој не го прави тоа, дали ние како акционери, ќе го изгласаме за директор на следното собрание, дали ако го фатевме како прави малверзации повторно ќе му ја дадевме нашата доверба. Ако Македонија беше ваша фирма, дали ќе дозволевте вакви лица да ја управуваат и дали ќе молчевте кога гледавте тоа? На новинарите кои и онака имаат слаб пристап до документи и тешко се снаоѓаат и опстојуваат неопходна им е помош од граѓаните за да можат да се борат против корупција и злоупотребите. Неопходно е да има повеќе граѓани кои ќе имаат волја да соработуваат“, вели тимот што стои позади svirni.mk
Во однос на тоа што е укажувач или популарно – свиркач, потенцираат дека тоа е оној граѓанин кој во име на правдата се охрабрува да изнесе на виделина информации кои откриваат корупција, криминал и други незаконити дејствија на поединци и организации.
„Свиркачите често се изложени на ризици кои можат да го загрозат нивниот професионален, личен, па дури и физички итегритет, особено ако информациите кои ќе ги изнесат компромитираат моќни групи во владите и корпорациите“, објаснува тимот на проектот.