„Sweet and fit“ – бизнис кој преку продажба на здрави слатки ќе помага на социјално загрозените

Ивана, Теодора и Диана се млади девојки од Скопје кои имаат единствена цел – да го подобрат здравјето и животот на своите сограѓани така што ќе приготвуваат вкусни и здрави слатки.

Поттикнати од истражувањата кои укажуваат на се погoлемото присуство на глад и нездрава храна, тие решија да направат бизнис план со кој ќе придонесат кон решавање на овој проблем. Велат штом ќе ги соберат потребните средства, ќе ја отворат својата слаткарница во центарот на Скопје и да работат преку целиот ден.

„Нашето мото е ‘Јади, биди здрав, донирај!“ и се фокусира на подобрување на своето здравје, а истовремено и на нечиј живот.  Имаше истрaжување направено од “Ајде Македонија“ кое покажа дека 450 илјади лица во Македонија не можат да си ги дозволат сите оброци во текот на еден ден и иако волонтирајќи во здружението ги гледаме тие луѓе, огромната бројката не инспирираше уште повеќе да сакаме да ги подржиме организациите кои се стремат да го решат тој проблем. Исто така, мотивирани сме и од увидувањата од нашите животи гледајќи како храната, а најмногу конвенционалните слатки им штетат на здравјето на блиските, а и на самите нас“, вели Теодора, една од креаторите на бизнис проектот „Sweet and fit“.

Тие се едни од добитниците на Наградата за социјално претприемништво за 2018 година. Со почетен капитал од 2000 евра тие ќе се обидат да го направат нивниот бизнис одржлив. Наградата за нив значи поддршка и мотивација. Според Теодора, благодарејќи на ваквите натпревари, глобалните проблеми полека почнуваат да се решаваат и локално.

Ивана, Теодора и Диана ја презентираат својата идеја на натпреварот за социјално претприемништво

„Кај нас конкренцијата за здрави слатки е мала, а со растење на свеста на луѓето има се поголема побарувачка. На почетокот додека не собереме средства за физичка локација разгледуваме алтернативни опции како онлајн слаткарница или слатките да ни се продаваат во веќе постоечки локали со цел да се минимализираат трошоците“, објаснува таа.

Во иднина ќе соработуваат со здружението „Љубезност“ за да им помогнат на што поголем број луѓе. Една од главните идеи на нивниот бизнис е активно да вклучат во работата на слаткарницата и луѓе во социјален ризик.

„Веќе работиме со лица од таа категорија кои несебично го даваат своето време за помагање на здружението и бараат работа. Парите донирани би се користеле за помагање на секојдневните активности на здружението како снабдување на лицата со храна, облека, лекарства, покуќнина и друго и инвестиција во идните плановите во кои се вклучува изградба на социјален центар“, вели Теодора.

Во нивната слаткарница граѓаните ќе може да најдат најразлични торти и колачи, цедени сокови, млека и путери од јатки и други слатки задоволства. Посочуваат дека слатките ќе бидат без рафиниран шеќер, млеко, јајца, индустриско брашно и адитиви, а ќе има опции и за вегани, нетолерантни на глутен или лактоза, лица на сирова исхрана и со други диетални рестрикции.

Е.П.