Најновото издание на независниот издавач „Шарла“ (Sharla) е вториот албум на „Sweet Rapscallions“ – именуван „Generation Flexible“.
Од „Шарла“ пишуваат дека „Sweet Rapscallions“ со нив се од самиот почеток. Во меѓувреме поминаа низ неколку трансформации, и во човечкиот фактор и во музичкиот израз, но о(п)стана есенцијата на овој проект.
„Почнаа како музичко крило на еден независен арт колектив од Битола, во манир на постмодерен индустриски поп. Потоа беа дуо со лаптоп и тапан во трансцентален трип низ пелагониските ритуални пракси, за денес да ни се претстават како просветлен кантавтор во улога на космички поврзувач на световите. Внатре. Ако идејата и концептот можат да станат независен ентитет од човечкиот ум кој ги создава, тогаш ‘Sweet Rapscallions’ се најдобриот пример овде. Притоа, секогаш свежи, современи, авторски провокативни, и во постојана комуникација и по вертикала и по хоризонтала. Некаде и некогаш ќе мора да се сретнете…“, пишуваат од „Шарла“.
„Generation Flexible“ е напишан, сниман и продуциран во канадски Ванкувер и битолското село Брусник.
Музиката, тектовите и пост-продукцијата е на Дејан Петровиќ. Коверот на Давид Ангелевски, а оригиналната фотографија – исто така на Петровиќ.
Албумот на „Sweet Rapscallions“ може да се преслуша и поддржи ТУКА.