СЗО: 17 од 36 болници во Појасот Газа делумно ги користат своите капацитети

Директорот за здравствени итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан рече дека 17 од 36 болници во Појасот Газа делумно ги користат своите капацитети, пишува „Анадолу“.

Рајан предупреди дека здравствената ситуација во Појасот Газа станува се потешка поради интензивните израелски напади.

Тој посочи дека болниците во Газа се во голема опасност поради физички оштетувања, недостиг на гориво, ограничени медицински материјали и губење на персоналот.

„СЗО документираше 1.098 напади на здравствени услуги на окупираните палестински територии помеѓу 7 октомври 2023 година и 22 август 2024 година, од кои 492 се случија во Газа“, рече Рајан, додавајќи дека тие напади резултирале со 747 смртни случаи и 969 повредени .

Инаку, војната во Појасот Газа почна на 7 октомври минатата година. Според податоците на палестинското Министерство за здравство досега убиени се околу 40.600 Палестинци а повредени се над 93.800

Веќе 10 месеци поголемиот дел од Газа е урнат а ситуацијата дополнително се влошува поради недостиг на храна, чиста вода и лекови.