Повеќе од 8.000 деца на возраст под пет години, се дијагностицирани и третирани за акутна неухранетост, вклучително и 1.600 деца кои страдаат од тешка акутна неухранетост во Појасот Газа, соопштија од СЗО.
„Голем дел од населението на палестинската енклава, која е предмет на интензивна кампања на одмазда по крвавиот напад врз Израел на 7 октомври, сега се соочува со катастрофален недостиг на храна и глад“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на брифинг со новинарите во Женева и додаде дека во моментов нема докази дека жителите ја добиваат потребната храна.
Гебрејесус објасни и дека СЗО и нејзините партнери се обидуваат да ги зајакнат услугите за храна во палестинска Газа.
Тешката акутна неухранетост често се поврзува со медицински компликации и е главна причина за морталитет кај децата.
„Сепак, поради несигурноста и недостигот на пристап, во моментов можат да работат само два центри за стабилизација за сериозно неухранети пациенти. Нашата неспособност безбедно да осигуриме здравствени услуги, во комбинација со недостатокот на чиста вода и санитарни услови, значително го зголемува ризикот од неухранетост кај децата“, објасни шефот на СЗО.
Гебрејесус исто така инсистираше на растечката здравствена криза што го погодува окупираниот Западен Брег.
Од 7 октомври, СЗО регистрираше 480 напади врз здравствени служби на Западниот Брег, што резултираше со 16 загинати и 95 повредени на оваа палестинска територија.