СЗО: Африка регистрирала 134 случаи на детска парализа

Африка регистрирала 134 нови случаи на детска парализа во најмалку седум региони, објави Светската здравствена организација (СЗО), пишува „Анадолу“.

Регионалната директорка на СЗО за Африка, Матшидисо Моети, во пораката по повод Светскиот ден на детската парализа, рече дека циркулирачката варијанта на полио тип 2 е пронајдена во Буркина Фасо, Камерун, Централноафриканската Република, Чад, Мали, Нигер и Нигерија.

„Само во 2024 година до 5 септември се откриени 134 случаи на полиомиелитис тип 2“, изјави Моети.

Таа додаде дека има значително подобрување во процесот на искоренување на детската парализа во јужноафриканскиот регион, без пријавени случаи на полио во Јужна Африка од 2022 година. Моети се надева дека вирусот наскоро ќе се искорени во Малави, Мозамбик, Танзанија и Замбија.

Моети го пофали единството меѓу земјите во басенот на езерото Чад и Сахел за справување со „новиот и итен предизвик“. Таа ги повика земјите да ја засилат кампањата за ставање крај на детската парализа.

Светскиот ден на детската парализа се одбележува секоја година на 24 октомври, повикувајќи на поголема акција во борбата против детската парализа.