Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека сите вакцини против Ковид-19 кои ги одобри за итна употреба треба да бидат признаени во земјите кои ги отвораат границите за вакцинираните лица, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Овој потег може да предизвика западните земји да прифатат две навидум помалку ефикасни кинески вакциини, кои здравствената организација на Обединетите нации ги одобри, но повеќето европски и северноамерикански земји не ги одобрија.
Покрај вакцините „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“, СЗО даде зелено светло и на две кинески вакцини, произведени од „Синовак“ и „Синофарм“.
Во мај, Советот на Европската Унија ги укина ограничувањата за несуштински патувања за граѓаните од трети земји кои се вакцинирани со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), а земјите можеа сами да одлучат дали ќе им дозволат влез на патниците кои примиле други вакцини, вклучително и руската „Спутник“.
ЕМА започна со анализа на вакцината за коронавирусот произведена од компанијата „Синовак“, но нема информација кога ќе се донесе некаква одлука.
СЗО оцени дека секоја мерка која дозволува патувања само на имунизирани лица со некои, а не со сите вакцини одобрени од СЗО, ја зголемува глобалната нееднаквост.
Исто така, СЗО истакна дека тоа негативно ќе влијае на растот на економиите кои се најтешко погодени од пандемијата.