Кинеските власти мораат да споделуваат повеќе информации и податоци за заразата со коронавирусот, бидејќи бројот на инфицираните во азиската држава забрзано расте, повикаа од Светската здравствена организација (СЗО).
Многу од строгите рестрикции во Кина се укинати последниве недели и бројот на новозаразени започна неконтролирано да расте, поради што државите од другите делови од светот започнаа да воведуваат рестрикции за патниците од Кина.
Како што пренесува Би-Би-Си, претставници на СЗО велат дека сакаат да бидат повеќе податоци за хоспитализираните лица, луѓето кои се на интензивна нега, како и смртни случаи. Истовремено бараат повеќе информации за броевите на вакцинирано население.
„СЗО повторно побара редовно споделување на специфични податоци во реално време за епидемиолошката ситуација и податоци за вакцинации, особено кај поранливата популација и оние над 60 години“, соопштија од СЗО по состанок со кинските здравствени претставници.
Од Организацијата велат дека се спремни да обезбедат поддршка во сите овие области, како и да помогнат со адресирање на прашањето на вакцинација.
САД, Шпанија, Франција, Јужна Кореја, Индија, Италија, Јапонија и Тајван воведоа задолжителни ковид-тестови за патниците кои пристигаат од Кина, стравувајќи од ново ширење на вирусот.