Бројот на пријавени случаи на морбили „експлодираше“ за речиси 80 отсто во светот во првите два месеци од годинава, објавија Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), пренесува „Н1“.
СЗО во последните месеци постојано алармира на опасноста од „апсолутна катастрофа“ доколку не се прекине опасното одложување на вакцинацијата на децата поради пандемијата на коронавирусот и ако пребрзо се укинат здравствените ограничувања.
Резултатот е дека бројот на случаи на морбили, односно мали сипаници скокал за 79% во првите два месеци од 2022 година, во споредба со истиот период минатата година, според податоците на СЗО и УНИЦЕФ. Во светот во јануари и февруари пријавени се 17.338 случаи на морбили, а во првите два месеци од 2021 година пријавени се 9.665 случаи. Но, бројките се веројатно поголеми бидејќи пандемијата ги наруши системите за надзор.
Двете агенции на ОН сега стравуваат од сериозни епидемии на морбили, многу заразна вирусна болест која може да погоди „милиони деца“ оваа година.
Најдобрата заштита од морбили е големиот опфат со вакцинација.
Во последните 12 месеци, до април, забележана е 21 значајна епидемија на морбили, воглавно во Африка и регионот на источниот Медитеран.
Земјите кои забележаа најголеми епидемии на морбили од минатата година се Сомалија, Јемен, Нигерија, Авганистан и Етиопија.
Бидејќи овие сипаници се многу заразни, случаите се јавуваат кога нивото на вакцинација опаѓа. СЗО и УНИЦЕФ стравуваат дека епидемиите на сипаници се знак за појава на други болести кои се шират побавно.