КОВИД-19 има неправедно влијание врз некои луѓе повеќе од други, влошувајќи ги постојните нееднаквости во здравството и социјалната помош во и меѓу земјите, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) по повод 7 април, Светскиот ден на здравјето, повикувајќи за итна акција за подобрување на здравјето на сите луѓе.
Во земјите, соопштува СЗО, болеста и смртта од КОВИД-19 се повисоки меѓу групите кои се соочуваат со дискриминација, сиромаштија, социјално исклучување и неповолни услови за живот и работа – вклучително и хуманитарни кризи.
„Се проценува дека пандемијата минатата година доведе 119 до 124 милиони луѓе во екстремна сиромаштија. Постојат уверливи докази дека тоа ги зголеми родовите разлики во вработеноста, така што жените во последните 12 месеци останувале без работа повеќе од мажите“, се вели во соопштението.
Според СЗО, овие нееднаквости во условите за живот на луѓето, здравствените услуги и пристапот до моќ, пари и ресурси се долготрајни. Како резултат на тоа, стапката на смртност под 5 години кај децата од најсиромашните домаќинства е двојно поголема од онаа на децата од најбогатите домаќинства.
„Очекуваниот животен век на луѓето во земјите со ниски примања е за 16 години понизок отколку кај луѓето во земји со високи примања. На пример, 9 од 10 смртни случаи на глобално ниво од рак на грлото на матката се јавуваат во земји со низок и среден приход“, велат од СЗО.
СЗО потсети дека вакцините самите нема да го совладаат вирусот и дека и понатаму се важни медицинскиот кислород и личната заштитна опрема, како и сигурните дијагностички тестови и лековите.
„Барем половина од светската популација сè уште нема пристап до основните здравствени услуги. Повеќе од 800 милиони луѓе трошат најмалку десет отсто од приходот на своето домаќинство на здравствена заштита, а секоја година речиси 100 милиони луѓе се доведени во сиромаштија“, забележува организацијата.
Многу земји, како што се наведува, се соочуваат со предизвици во наоѓањето ресурси за конкретна акција, па од витална важност ќе биде да се обезбеди инвестициите да имаат најголемо влијание врз оние на кои им е најпотребно и заедниците во неповолна позиција да бидат вклучени во планирањето и примената на тие програми.
СЗО наведува дека е потребно да се изградат безбедни, здрави и инклузивни квартови и да се зајакнат системите на податоци и здравствени информации.