Луѓето во Северна Македонија сѐ повеќе имаат пристап до јавно финансирана здравствена заштита, но катастрофалните трошоци за здравствена заштита остануваат предизвик, покажува новиот извештај на СЗО/Европа кој беше објавен денес.
Извештајот испитува до кој степен луѓето во Северна Македонија се соочуваат со финансиски тешкотии кога користат здравствени услуги. Тој е дел од серија национални извештаи за следење на финансиската заштита во здравствените системи во Европа.
Во документот стои дека во 2018 година, над 6% од домаќинствата во Северна Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита (големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за здравствена заштита). Извештајот покажува дека катастрофалните трошоци најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови.
„Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата. Сепак, наодите од извештајот покажуваат дека овие теми заслужуваат повеќе внимание во заложбите на Северна Македонија да создаде подобар систем од оној пред кризата“, рече д-р Џихан Тавила, претставникот на СЗО во Северна Македонија.
Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа, наведуваат од СЗО.
„За прв пат, имаме сеопфатни, силни податоци и можност да го сумираме напредокот во областа на финансиската заштита што го направи Северна Македонија во последните години“, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, на настанот за претставување на извештајот.
„Посилната примарна здравствена заштита, пократкото време на чекање и поголемиот опфат со здравствено осигурување ја подобрија финансиската заштита во земјата. Сега е време да се надгради на овој успех, за да се обезбеди секој човек да има пристап до потребните здравствени услуги“, додава тој.
Евроамбасадорот во државата Дејвид Гир, потсети дека во последните години Европската комисија постојано ја потенцира потребата од инвестиции во опрема и капацитети во здравствениот сектор во Северна Македонија, како и од мерки за запирање на одливот на медицински персонал од националниот здравствен систем.
„Анализата на СЗО за финансиската заштита во здравствениот систем на Северна Македонија ја потврдува оваа проценка и дава увид во финансирањето на здравствените услуги во земјата. Северна Македонија треба да развие организациски и раководни структури, како и клучни функции и вештини, за да обезбеди ефективно управување, планирање и раководење со својот јавен систем за здравствена заштита. Особено се потребни се мерки за отстранување на здравствените нееднаквости, вклучително и преку зајакнување на националниот систем за здравствено осигурување. Поддршката на ЕУ за изработката на стратегија за здравје за периодот 2021-2030 г. ќе придонесе за подобро здравје за сите“, рече Гир.
Во извештајот се заклучува дека овие промени ќе треба да бидат поткрепени со повисоки јавни расходи за здравствена заштита и со внимателна употреба на новите ресурси за да се исполнат целите за правичност и ефикасност.
„Овој извештај доаѓа во вистински момент, кога се соочуваме со акутна потреба од брз одговор на пандемијата на КОВИД-19 и премин кон поодржлив и поотпорен здравствен систем, во кој ниту еден човек нема да биде заборавен. Министерството за здравство ќе се обврзе да ги спроведе препораките од извештајот, за да се намалат финансиските тешкотии со кои се соочуваат граѓаните при користењето здравствени услуги, како што земјата напредува кон универзална здравствена заштита и гради подобар систем од оној пред пандемијата“, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Новиот извештај дава и серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија.
Па така, се наведува дека е потребно да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување.
Потоа, да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација.
Дополнително, да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина.