По посета на болницата „Ал-Шифа“ во градот Газа, Светската здравствена организација (СЗО) ја опиша како „зона на смртта“.
Заеднички тим на Обединетите нации предводен од СЗО ја проценуваше состојбата во болницата еден час по нејзината окупација и евакуација од страна на израелската војска. Тимот соопшти дека има докази од гранатирање и пукање и масовна гробница пред влезот на болницата. Им било кажано дека во неа се наоѓаат посмртните останки од 80 луѓе.
По наредбите за евакуација кои, како што рече директорот на болницата, биле издадени од израелската армија, а за кои армијата соопшти дека биле издадени од директорот, во претходно најголемата и најнапредната болница во Газа ќе останат 300 пациенти кои се во критична состојба.
СЗО соопшти дека се обидува да организира итна евакуација на останатите пациенти и медицински персонал во другите објекти во Газа и ги повтори повиците за прекин на огнот.
Во меѓувреме Белата куќа одговори на извештај во „Вашингтон Пост“ во кој пишува дека Израел, Хамас и САД се на работ на договор со кој ќе бидат ослободени жените и децата кои беа киднапирани од Хамас по нападот на 7 октомври – во замена за петдневна пауза на војната.
Потпаролот на Белата куќа информираше дека сѐ уште не е постигнат таков договор, но дека на тоа напорно се работи.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, ја отфрли можноста за прекин на огнот со Хамас и дека ќе размисли само за привремено примирје во замена за киднапираните.
Израелските одбранбени сили не одговорија веднаш на извештајот на СЗО, но кажаа дека ги прошируваат операциите во Газа вклучувајќи го и градот Џабалија со цел да го таргетираат Хамас.
Оттаму им кажаа на Палестинците во северниот дел на појасот Газа да заминат оттаму, а сега истото им го кажуваат и на луѓето во јужниот град Кан Јунис, каде претходно пребегаа илјадници луѓе од северот.
Израел вели дека целта е да го уништи Хамас, следејќи го нападот на 7 октомври во кој беа убиени 1.200 луѓе и 240 беа киднапирани.
Министерството за здравство предводено од Хамас соопшти дека бројот на загинати во Газа достигна 12.300 луѓе, а се стравува дека повеќе од 2.000 се затрупани под урнатините.